Битиќи: Отворена е вратата на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во националниот консензус за ЕУ

Иднината на државата не може да трпи повеќе расчекор помеѓу тесните и променливи, интереси на опозициската партија и интересот на граѓаните. Отворена е вратата на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во националниот консензус за ЕУ и да постапи одговорно. Мора да ни е јасно кон што се движиме, за кои цели политички се бориме, во спротивност нема да постигнеме резултати, вели во интервју за Локално вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Кога станува збор за стратешки одлуки од кои зависи иднината на државата, според вицепремиерот, политичкото калкулирање или одмерување е симптом на неодговорно политичко однесување.

-Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи, порача Битиќи.

За тоа дали во моментов иднината за Македонија зависи токму од лидерот на опозицијата, Битиќи смета дека Мицкоски вовел еден нов „квалитет“ во политичкиот простор, а тоа е неконзистентност и нејасност во јавното изнесување на политички ставови кога станува збор за стратешки интереси на државата.

-Својата политичка неодговорност се обидува да ја компензира и со политички наратив кој посејува страв, недоверба во општеството, кој разгорува национализам. Зборува за некакво обединување, а упатува пораки  на разединување. Вели дека целта е „опстанување на земјата.“ ЕУ нам не ни е егзистенцијален непријател па да се „обединуваме“ против неа. Напротив, евроинтерацијата може да даде дополнителна политички витална енергија на државата, истакна тој во интервјуто.

На прашањето дали би застанал на премиерската позиција, според последниот договор меѓу ДУИ и СДСМ за премиер Албанец, доколку не се направат уставните измени, Битиќи е дециден дека „да се служи подразбира и достапност и храброст за предизвик на кој твојата држава те повикува“.

– Би било чест да им служам на сите мои граѓани од премиерската функција, секако доколку тоа биде побарано од мене, како што тоа го правам и од оваа функција, додаде вицепремиерот задолжен за економски прашања.

Колку СДСМ добива, а колку губи од евентуалното влегување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Владата и дали „наведувањето“ на опозицијата да гласа за уставни измени значи и тргање од иста позиција за двете најголеми македонски партии при евентуални предвремени избори?

-Најмалку е важно колку добива СДСМ или колку губи бидејќи совесните и одговорни политичари размислуваат за идните генерации, а популистите за идните избори.

Кога станува збор за стратешки одлуки од кои зависи иднината на државата политичкото калкулирање или одмерување е симптом на неодговорно политичко однесување. Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи.

Затоа никој овде никого не „наведува“, туку како владејачка партија го артикулираме историското и стратешкото значење на уставните измени, со кои само државата добива. Второстепено е прашањето дали со тоа некој од партиите ќе има повеќе или помалку гласови на парламентарни избори.  Мора да ја надминеме аномалијата која политичкото одлучување го подведува само под тесни партиски интереси. Постојат политички околности, како овие, во кои одлуките треба да се засноваат на интересите и перспективите на граѓаните.

„Мицкоски може да се коцка со својата иднина, но не со иднината на Македонија“, беше вашата прва реакција откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се „премисли“ за уставни измени со одредени услови. Зависи ли иднината на Македонија од Мицкоски во моментов, откако претходно самиот тој повика на „обединување со цел опстанување на земјава“?

-Лидерот на опозициската партија воведе еден нов „квалитет“ во политичкиот простор, а тоа е неконзистентност и нејасност во јавното изнесување на политички ставови кога станува збор за стратешки интереси на државата. Оваа негова променливост повремено се обидува да ја камуфлира со изјави за поставување на некакви услови, односно градење на перцепција дека тој има капацитет да дефинира или влијае на одредена политичка ситуација или процеси во државата. Својата политичка неодговорност се обидува да ја компензира и со политички наратив кој посејува страв, недоверба во општеството, кој разгорува национализам. Зборува за некакво обединување, а упатува пораки  на разединување. Вели дека целта е „опстанување на земјата.“ ЕУ нам не ни е егзистенцијален непријател па да се „обединуваме“ против неа. Напротив, евроинтерацијата може да даде дополнителна политички витална енергија на државата.

ВМРО-ДПМНЕ е чинител на политичката сцена и мора одговорно да постапува во однос на еден од условите на преговарачката рамка, пратениците од нејзините редови треба да се надминат себеси и тесноградоста на нивната политичка партија. Мора да го променат своето политичко однесување кога станува збор за едни пошироки и поголеми интереси на општеството. Ништо поразличен не беше ниту мојот повик од пред три години, кога во пикот на економската и енергетската криза опозициската партија ги блокираше антикризните мерки.  Наместо да дадат директна поддршка за зачувување на животниот стандард на граѓаните и зајакнување на капацитетите на домашното стопанство за одговор на кризниот удар, тие си спроведуваа некаква, нејасна, тесно партиска агенда на блокирање.

Иднината на државата не може да трпи повеќе расчекор помеѓу тесните и променливи, интереси на опозициската партија и интересот на граѓаните. Отворена е вратата на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во националниот консензус за ЕУ и да постапи одговорно. Мора да ни е јасно кон што се движиме, за кои цели политички се бориме, во спротивност нема да постигнеме резултати.

Треба да знаете
Последни објави