Во Австрија мајка го изгладнувала и го чувала синот во одгледувачница за кучиња

Случајот со 12-годишно малтретирано момче со месеци ја тресе австриската јавност, а покрај 32-годишната мајка која поради тоа е во притвор, уапсено е уште едно лице кое е осомничено дека припаѓа на садистички култ.

Како што пишува виенскиот „Куриер“, момчето есента во куќата во Валдфиртел со недели било малтретирано од мајка му. Момчето било пронајдено неухрането и било хоспитализирано во критична состојба кога му била констатирана тешка хипотермија. Сега се опоравува, а за него се грижи неговиот татко.

Против мајката се поднесени неколку пријави, изјави портпаролот на полицијата на Долна Австрија, Јохан Баумшлагер, додавајќи дека во тек е истрага за обид за убиство, тортура или занемарување на детето.

Здравствената состојба на момчето е подобрена, соопшти полицијата. Полициската истрага е во тек и е фокусирана на наводниот близок круг на семејството од страна на мајката.

Утрово е уапсена уште една жена (40), која исто така се смета за осомничена во овој случај. Таа е и во истражен затвор во Кремс и е под истрага за садистички култ што осомничената мајка наводно го користела против нејзиниот син.

Инспекторите од Државната криминалистичка полиција на Долна Австрија ја пронашле оваа жена врз основа на пораки на мобилниот телефон на нејзината мајка. Според истражителите, содржината на пораките силно ги инкриминира двете жени. Во овој случај, во тек се понатамошни истражувања и евалуација на податоците. Претресени се и куќи.

Како што објави денеска „Кронен Цајтунг“, можни се нови апсења, а се споменува и постоење на некаков садистички клан.

Мајката наводно често го поливала синот со ладна вода и ги држела прозорците од станот отворени по неколку часа дневно кога температурата била под нулата. Вработената во Центарот за социјална работа кон крајот на ноември ја известила итната помош и на тој начин му го спасила животот на момчето.

Детето наводно било во „акутна опасност по неговиот живот“. Момчето имало телесна температура од 26,8 степени и поради тоа буквално паднало во кома. Прво било пренесено во болница во Валдфиртел, а оттаму во специјална клиника во Виена. Откако болницата поднела пријава, мајката била уапсена. Здравствената состојба на детето во меѓувреме е подобрена, соопшти полицијата.

Случајот, сепак, излезе во јавноста дури кога мајката поднела жалба за притворот. Врховниот суд на крајот на мај ја отфрли таа тужба со образложенија во кои се наведени драматичните околности во кои детето било принудено да живее.

Како што се тврди, обвинетата му нанела на синот „физичко и психичко страдање удирајќи го со тупаници и не му ги санирала ниту повредите”. Момчето имало и хематоми од ниските температури.

Покрај тоа, мајката го врзувала својот 12-годишен син и постојано го заклучувала во кутија за кучиња со часови за да „не може да побегне“, пренесуваат австриските медиуми.

Мајката моментално е во притвор и ќе биде подложена на психијатриски преглед. Одлуката за обвинението се очекува до крајот на летото, соопшти полицијата.

Треба да знаете
Последни објави