Во Русија поставен споменик на Слободан Милошевиќ, неговиот син Марко: „Битката ја изгубивме, но војната не“

Синот на поранешниот претседател на Србија, Марко Милошевиќ, се појави во јавноста, за првпат после 20 години, во Москва на откривањето на споменикот на неговиот татко, во друштво на Александар Залдастанов, познат како Хирург, близок соработник и пријател на рускиот претседател Владимир Путин и водач на нејасната мото група „Ноќни волци“, пишува српски „Курир“.

Во видеото кое трае нешто помалку од 50 секунди, Залдастанов го најавува Милошевиќ, кој потоа и се обраќа на толпата, повторувајќи ги зборовите на неговиот татко кои се испишани на споменикот.

„Како што пишува овде на таблата, ние, за жал, бевме на проба за тоа што се случи со Русија и што се случува сега во Украина. Југословенските војни се исти, само сега во Украина – забрзана верзија. За жал, ја изгубивме битката, но војната, се надевам, не. Од нашите грешки и од нашата судбина, Русите извлекоа лекција и ќе победиме! За победата“, рече Милошевиќ, стоејќи пред српското знаме.

Марко Милошевиќ не се појавува во јавноста откако избега во Русија по падот на режимот на неговиот татко. Тогаш тој беше обвинет поради сомнение за учество во организиран криминал. На 10 октомври, два дена по падот на режимот, тој ја напушти Србија и преку Пекинг замина во Москва, каде што доби политички азил.

Оттогаш живее целосно илегално, а информациите за него само повремено стигнуваа во Србија. Беше кажано дека води профитабилен бизнис во Москва и дека повторно се оженил. По него во Србија е на сила потерницата од Интерпол.

Споменикот на Слободан Милошевиќ, висок два метри, го изработи српскиот скулптор Драган Раденовиќ, член на Руската академија на уметностите.

Треба да знаете
Последни објави