Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” на Сузана Диневски во официјална селекција на повеќе филмски фестивали

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” во режија на Сузана Диневски и „Сузи Кју продукција”, кој досега доби 23 награди во различни категории, селектиран е во официјална селекција на 60-ина филмски фестивали низ светот. Како што соопшти продукцијата, меѓу последните е наградата за најдобар краткометражен игран филм на осмиот меѓународен филмски фестивал „Инка Империал” во Лима, Перу.

„Шеќерни луѓе” утре ќе биде прикажан во официјална селекција на меѓународниот филмски фестивал ,,BJX Bajio” во Гванахуато, Мексико, на 25 јуни во официјалната селекција во програмата ЕCHOES на 19. Филмски фестивал за нови режисери FEST – New Directors | New Films Festival што се одржува во Еспинхо, Португалија, за кој конкурирале над 3500 пријавени филмови и е селектиран во ограничената листа на избрани филмови.

 -Од февруари до мај филмот беше прикажан на филмскиот фестивал во Камбрија, Калифорнија, САД, како и на филмскиот фестивал за жени ,,Каскадија’’ во Белингхам, Вашингтон. Имаше проекција и на 21. Меѓународен фестивал за кратки филмови ,,Радио Сити” во Валенсија, Шпанија, како и на „Инка Империал” во Лима. Проекции на „Шеќерни луѓе” се одржаа и на филмскиот фестивал „Балкан панорама” во Измир, Турција, и на меѓународниот филмски фестивал во Барлета, Италија. Проекциите во официјална селекција продолжуваат и од јуни до септември на Балкански фестивал за филм и храна во Поградец, Албанија, на филмскиот фестивал за Југоисточна Европа во Париз, на филмскиот фестивал ,,Европа сега” во Глазгов и на меѓународниот филмски и видеофестивал во Маракај, Венецуела. Проекција на „Шеќерни луѓе” во официјална селекција е потврдена и за фестивалот „Љубов и надеж’’ во Барселона, што се одржува од 15 до 22 септември, соопшти „Сузи Кју продукција”.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски. Трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев. 

Треба да знаете
Последни објави