Убиениот скопјанец во Приштина е еден од осомничените за двојното убиство во „Шиша Бар“

Убиениот Блерим Дачи од Чаир кој беше пронајден во автомобил во Приштина бил баран како главен осомничен за двојното убиство во „Шиша бар“ во Чаир од страна на македонските власти, тврди Индексонлајн.

Порталот потсетува дека во двојното убиство во Скопје во кафулето убиени беа Јетон Кривањева и Енес Исени, инаку познати како „Лачи“ и „Жила“.

Тој на полицајците во Македонија и во Косово им бил познат по трговијата со дрога, обвинет бил за нелегално држење на оружје, а повратник е од боиштата во Сирија…

Индексонлајн пишува дека Блерим Дачи користел лажни лични документи со името Блерим Шабани. Автомобилот од кој било пукано кон неговата кола со скопски таблички бил со германски таблички. Тој бил најден опожарен на еден километар од местото на настанот, а внатре имало два калашникови.

Сѐ се случило синоќа на улицата Ц во Приштина.

Телото на Дачи било испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина, соопшти косовската полиција.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција на Преспа форумот за дијалог во врска со убиството на македонскиот државјанин во Приштина и за тоа дали има подетални информации, кусо одговори дека институциите на Северна Македонија се во контакт со косовските и оти се очекуваат повеќе информации од надлежните за случајот.

– Нашите институции комуницираа со косовските власти и го потврдија тој податок којшто беше објавен во јавноста за наш граѓанин којшто е застрелан во Косово, но се разбира повеќе детали ќе обезбедат останатите институции. Ние како МНР го направивме првиот контакт, и ја потврдивме веста, одговори кусо Османи.

За сега нема информации дали двата настани, убиството во Приштина и нападот во Чаршијата се поврзани.

Од скопскиот Кривичен суд за Телма одговорија дека на Блерим Даци алијас Шабани уште во Ноември минатата година му била определена мерка притвор за нелегално поседување на оружје но никогаш не бил приведен и по него е распишана меѓународна потерница.

Претходно судот на Даци му определил куќен притвор но мерката била преиначена во затворски, а МВР потврдило дека осомничениот ниту еден ден не ја испочитувал одлуката на судот и оттогаш се води дека е во бегство.

Треба да знаете
Последни објави