Кривичен одби амнестија за „Организаторите на 27 април“

Нема амнестија за организаторите на 27 април, поточно за Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Владимир Атанасовски и Спиро Ристовски на кои одново им се суди за организирање на крвавиот упад во Собранието, откако Апелацискиот суд го врати случајот на повторено судење.

Судијата Илија Трпков соопшти дека одлуката е донесена по барањето на одбраната да се примени Законот за амнестија од 2018 година. 

– Барањето за амнестија за сите обвинети се отфрла како неосновано, бидејќи не се исполнети условите од член еден, став два, алинеја еден и алинеја два  од законот за амнестија. – изјави судијата Илија Трпков.

И јавниот обвинител во случајот, Трајче Пеливанов доставил мислење дека обвинетите не се лица кои ги опфаќа Законот за амнестија и дека во оваа фаза не постои правна можност Судот да одлучува по амнестијата. Обвинетите сега имаат право на жалба пред Апелација во однос на овие одлуки, а одбраната и натаму верува дека законо за амнестија е применлив за овие лица. 

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК, Атанасовски шест години затвор, а предметот го врати на повторено судење. Обвинетите во овој случај се товарат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Треба да знаете
Последни објави