Сведок за случајот „Жан Митрев“: Татко ми мѝ рече „Оставен сум на страна да умрам, спремајте се за најлошо“

Со сослушување на сведоци, предложени од обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Жан Митрев“.

На прашања од јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, првиот сведок чиј татко починал при лекувањето од коронавирусот во болницата „Жан Митрев“, изјави дека првиот впечаток ѝ бил, како што рече, дека тоа е една од најдобрите болници. Таа раскажа дека при приемот на нејзиниот татко ѝ било укажано дека мора истиот ден да ја уплати првичната сума за лекување. 

– Тоа што најмногу ме погоди е тоа што татко ми имаше очајна потреба од кислород, никој одозгора не се симна да праша каква е ситуацијата, дали има потреба од поддршка, не беше уредно преземан, само ги дадов парите и чекав на ладно парите да бидат процесирани, рече таа, дополнувајќи дека после половина час се јавиле дека ќе го преземат и притоа, како што рече, никој не ѝ кажал каде го носат, изјави сведокот.

Според сведокот, тоа било последниот момент кога го видела татко ѝ жив, а при телефонски разговор со него, цитираше дека ѝ рекол „оставен сум на страна да умрам, спремајте се за најлошо, тука се сите растрчани, титкаат апарати и никој не знае што прави“.

Прашана дали имала некаква информација за текот на лекувањето, таа рече дека од болницата немала никаква информација, каде е сместен, што се прави.

– Дома со мајка ми полудевме. Ѕвонев на фиксните телефони, не ми се јавуваа, ѕвонев по други лица, аман да се јави некој, јас не знаев во каква состојба е татко ми ниту кој го лечи, рече таа.

Сведокот рече дека од болницата не побарале претходна согласност за методата што се спроведувала во лекувањето на нејзиниот татко и дека за многу работи дознала од отпусното писмо кое, како што рече „сама го побарав, го примив после недела дена и по разговор со други лекари кажаа дека тука многу нешта како протоколарни фалат“.

На вкрстено испрашување од бранителот на обвинетиот Жан Митрев, адвокатот Никола Додевски, сведокот изјави дека никогаш во животот го нема сретнато д-р Жан Митрев ниту дека разговарала со него преку телефон. 

Прашана дали со фактот што го однела нејзиниот татко во најсовремена европска болница, а не била медицинско лице, била согласна да се лечи со сѐ, таа одговори не.

– Не, затоа што не бев претходно известена што ќе применат, иако не сум медицинско лице имам право да знам што ќе се применува, рече таа.

Прашана дали при плаќањето знаела дека остава и депозит за хемофилтрација, таа одговори да.

– За да хемофилтрацијата биде употребена доколку е потребна, а доколку не, се враќа депозитот, рече таа.

Потоа, при директно испитување од одбраната, сведокот изјави дека за услугата во болницата платила 18 илјади евра. Прашана дали кога ѝ бил земен депозитот ѝ било објаснето дека има и попуст за вкупниот број на услуги кои ќе бидат пружени, таа одговори дека не.

– Отидов на шалтер и ја платив сумата, а дали ќе има попуст или не, не знам, рече сведокот.. 

Судењето продолжи со сведочење на друга оштетена чиј што сопруг, исто така, починал при лекувањето во болницата.

На прашања од јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева изјави „да ги немав тие пари немаше да го префрлам од инфективна“.

Сведокот, како и претходниот, рече дека не сакале да го примат нејзиниот сопруг на лекување пред да бидат уплатени парите потребни за третманот во болницата, а откако уплатиле и пациентот бил примен, таа немала никаква информација за понатамошното лекување.

Не можев да дојдам до доктор, до информации, дали е умрен, дали е жив, а приватна болница е, сметав дека ќе има нега, ќе има информации, рече сведокот.

Според сведокот, како што рече „,во ковид времето, таа болница беше ужас и агонија“.

Можеби имаа работа, беа зафатени со ковидот, но, тие се приватна болница и им се дадени многу пари, требаше да обезбедат некој да дава информации, рече таа.

На прашање од обвинителката, сведокот изјави дека се чувствува измамено и дека предјавува имотно-правно побарување.

Прашана од одбраната, дали забележала дека во отпусното писмо е наведено дека нејзиниот сопруг е примен со периферна кислородна сатурација 75 проценти со кислородна поддршка, таа одговори да.

Потоа бранителот праша дали може да заклучи дека пациент со 75 проценти периферна кислородна сатурација, со кислородна поддршка од 10 литри не е средно тежок пациент, туку исклучително тежок случај, таа одговори не.

Потоа сведокот беше прашан дали може да се заклучи дека нејзиниот сопруг имал артериска хипертензија, обезност и хиперлипидемија, на што таа одговори не, а потоа, на дополнително прашање дали забележала дека во отпусната листа е наведено обезност, хипертензија и  хиперлипидемија одговори дека видела, но, како што рече, не верува.

Прашана дали емисијата „Нечиста крв“ на ИРЛ, ѝ го оформила заклучокот дека хемофилтрацијата е причина за смртта на нејзиниот сопруг, таа рече не.

Прашана дали д-р Жан Митрев, т.е. неговата клиника, преку анестезиолозите одговорни за интензивна нега, правеле сѐ од себе да го спасат животот, таа одговори да.

Прашана дали лекарот Жан Митрев кажал дека хемофилтрацијата лекува од Ковид-19, таа одговори, како што рече „не се сеќавам дали рекол нешто, но многу ја фалеше“.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. Судењето продолжува на 4 јули со испитување на сведок на предлог на обвинителството. 

Треба да знаете
Последни објави