СО ИЗЛОЖБАТА „5X10“ И ФИЛМОТ „АЛЕЛУЈА: ЛЕОНАРД КОЕН, ПАТЕШЕСТВИЕ, ПЕСНАТА“ ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

„Приказните зад музиката“ кои веќе деветта година во метрополата ги носи фестивалот Скопје синема сити, почнуваат вечерва во 19 часот  во Кинотеката на С. Македонија. Почетокот на фестивалскиот викенд (17 и 18 јуни) ќе го означи изложбата на фотографии „5x10,која што вклучува фотографии на Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл. Во 20 часот следува  проекција на филмот „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната (2002).

На отворањето ќе биде доделена и наградата за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, која годинава ја добива Џијан Емин, за неговите достигнувања во светот на филмската музика.

Џијан Емин ја започнал музичката кариера како член на рок-групата „Архангел“. Подоцна, станал прв хорнист на Македонската филхармонија и нејзин диригент, а истовремено, тој работи и како оркестратор. Поважни негови музички настапи се: концертите „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“ во рамките на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“; музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ (заедно со Дерек Меј и со Македонската филхармонија); настапот со Белградскиот симфониски оркестар и со Јуан Аткинс; концертот „Париз, те сакам“; мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“. Покрај тоа, тој настапувал и со повеќе музичари и групи, како: „Проект Жлуст“, „Д.Н.О.“, Квартетот на Георги Шаревски, „Скопје конекшн“, „Архангел“, Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, Никола Коџобашија, „Фолтин“, Малколм Брн, итн. Најпосле, Џијан Емин ја оркестрирал музиката на Мет Феди која била изведена на новогодишниот огномет во Дубаи.

Емин е вториот македонски автор награден од Скопје синема сити по Влатко Стефановски. Меќу останатите добитници на оваа награда се Коен, Сакамото, Кејв, Боуви, Њу ордер. 

„Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“ (2002)  е филм создаден за песната на Леонард Коен која од отфрлен албум во 80-тите, по чудни околности, ќе стане една од најизведуваните песни на сите времиња. Ова е приказната за животот на песната  „Hallelujah“ и сите музичари кои ја изведувале, од Коен до Џеф Бакли.

Утре на 18 јуни ( недела) ќе следат филмот  за „Леб и сол“ насловен како  „Леб и Сол: Као Какао – Вкус на успехот“ и филмот за Френк Запа, „Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“.

Леб и Сол: Као Какао – Вкус на успехот е во продукција на МРТВ а автор е Александра Јовановска. Документарниот филм за албумот Као Какао е  по повод 35 годишницата од објавувањето на ова ремек дело. Во филмот гостуваат Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан, Кирил Џајковски, Братислав Зафировски Брацо и Иван Бечковиќ. Влезот за оваа проекција е слободен.

„Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“ е филм за Запа кој  во 20 век, остави свој белег како музичар и независен уметник како никој претходно во Америка. Со својот иконокластичен став и пристап кои ја водат неговата музика, а која самата била предводена од неговиот цврст интелектуален инѕегритет, Запа бил незапирлива сила во популарната и класичната музика. Овој док. филм го покрива неговиот живот и работа со помош на архивски снимки. Неговата борба со политички сили кои сакале да го ограничат или табуата кои ги рушел како и размислувањата за музиката и животот создаваат уникатен портрет за Запа но раскажан со негови зборови.

Визуелното решение за 9. издание на фестивалот е дело на Даница Орцева, студент на Brainster.

Фестивалот „Скопје Синема Сити“ е во организација на здружението Номад-Арт Скопје и е помогнато од Општина Карпош, од Министерството за култура на Р С. Македонија и од Кинотека на С. Македонија.

Треба да знаете
Последни објави