Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера од Ваташа го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачески да се соочат на ТВ дуел со цел, како што рече, пред македонската јавност очи во очи да си кажат тоа што сакаат. На ова Ковачевски одговори дека наместо да трошат време на нови дуели и лидерски средби надвор од политичките процеси, треба да покажат обединетост со цел земјата да продолжи по европскиот пат.
– Тој европски пат не е пат сам за себе, ниту пак одлуката е одлука сама за себе, тоа е еден од чекорите за остварување на втората цел на државата, после членството во НАТО, зачленување во ЕУ, рече вчера Ковачевски во интервју за Канал 5, порачувајќи дека затоа сите политички чинители во државата треба да бидат посветени на процесот за уставните измени, за што поттик, доверба и поддршка имаме од сите земји членки на Европската Унија, како и од Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.
Според него, сега е потребно продолжување на дијалогот меѓу власта и опозицијата на ниво на работни групи, коишто ќе треба да ги договорат деталите на процесот како ќе се одвива во иднина.
– Опозицијата ги кажа своите ставови, а тоа е дека нема проблем со вметнувањето на други делови од народи, вклучително и бугарскиот, во нашата Преамбула, тоа го кажаа јавно, дека се согласни да влезат во Владата, дека се согласни таа Влада да ги заврши уставните измени, да ги отвори поглавјата, да го заврши скринингот итн. и потоа да се оди на избори, прво со техничка Влада, согласно со закон и дека Парламентот може да носи таква одлука, тогаш не гледам пречка зошто не би продолжила работата во работните групи, истакна премиерот.
Ковачевски нагласи дека подавањето на рака кон ВМРО-ДПМНЕ за обединување е вистинскиот чекор.
– Се надевам дека и во ВМРО-ДПМНЕ, оние коишто се за европски интеграции на државата, за продолжување на европскиот пат, ќе успеат да го кажат својот глас, да го искажат своето мислење и одлуките на партијата ќе бидат во таа насока. Заедно ќе ги донесеме одлуките кои значат подобра иднина за државата мерена низ сите параметри ако се спореди со земјите коишто не биле членки на ЕУ, а денес се членки на ЕУ, рече премиерот Ковачевски.
Мицкоски вчера по одбележувањето на 80-годишнината од стрелањето на 12 младинци во во кавадаречкото село Ваташа го повика премиерот Ковачески да се соочат на ТВ дуел.
– За да нема вака кажавме така кажавме, средба на тимови, средба на лидери, еве јавно пред македонската јавност на ТВ дуел, очи во очи да си кажеме тоа што сакаме. па народот нека суди и нека пресудува, рече Мицкоски.
Потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во гостувањето во емисијата „Аргумент Плус“ на Телевизија 24 порача дека нејзината партија подаде рака на ВМРО-ДПМНЕ и понуди пет министерски места за да влезе во Владата, па дури било понудено и партискиот лидер Христијан Мицкоски да седне во премиерската фотелја, со цел да се усвојат уставните измени и низ дијалог да се обезбеди европската иднина на државата.
– Со тоа покажуваме дека никој не се бори за политички, за партиски рејтинзи, напротив, се бориме за европската иднина, бидејќи ја остваривме стратешката цел членство во НАТО, а членството во ЕУ ние исто така дел од предизборната програма. ЕУ многу повеќе ќе го почитува нашето единство и заедништво, отколку секојдневните препреки за кои сведочиме низ секојдневни изјави, посочи Лукаревска.
Според Лукаревска, доколку уставните измени не се случат, ќе се вратиме назад во изолација и ќе функционираме како во едно мрачно режимско време.
– Тоа никој не треба да го дозволи, туку треба преку компромис, преку дијалог, преку преговарање да покажеме дека сме држава која прогресивните сили ја водат напред и заслужува да биде дел од ЕУ, додаде Лукаревска.
Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски порача дека сега не е време за ТВ дуели, туку е време е да се седне, да се разговара и да се изнајде начин како да се продолжи она што застана кај лидерската средба.
– Ги слушнавме променетите ставови на Христијан Мицкоски и на ДПМНЕ и ги поздравивме и токму во таа насока, потребно е ДПМНЕ да номинира членови на работната група кои ќе разговараат за сите детали за конкретните чекори кои ќе следат, но и како да го продолжиме европскиот пат, што и е потребен на државата, рече Каевски во дебатата со членката на ИК и портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во емисијата „Само вистина” на Канал 5.
Тој порача дека час поскоро треба да продолжат разговорите и заеднички власта и опозицијата да дојдат до соодветно решение, кое ќе значи продолжуваме не европскиот пат и гласање на уставните измени во Собранието.
Митева, возврати дека ако СДСМ сакал дијалог во изминатиов период имал можност да одлучи кој од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати, но тоа што не даваат одговор кажува дека не сакаат решение.
Според нема, ВМРО-ДПМНЕ не го променила ставот во врска со уставните измени.
– Јасно и гласно потврдуваме дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа. Од почетокот ставот е непроменет, истакна Митева.