Османи: Да се избегне модел на ЗСО кој би наликувал на Република Српска, избори само со учество на Србите

Претседателката на Косово Вјоса Османи, денеска изјави дека Приштина е подготвена да направи повеќе за Србите да се чувствуваат рамноправни, да бидат слушнати и да се чувствуваат вклучени, но дека, кога станува збор за Заедницата на српските општини (ЗСО ), рече дека „мора да бидеме крајно внимателни за да избегнеме каков било модел што би наликувал на Република Српска“.

За Дојче Веле таа оцени дека „ваквите творби се опасни не само за регионот, туку и за колективната безбедност на Европа“.

Османи изјави дека услов за одржување на избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово е да се обезбеди учество на Србите на нив.

– Побаравме поддршка од нашите партнери за да обезбедиме Србија да не се меша незаконски во изборите на друга земја, како што направи минатиот пат, и да не врши притисок врз косовските Срби да не учествуваат, но досега не сме добиле одговор – рече Османи.

Запрашана да го коментира можното повлекување на косовската полиција од четири општини на северот на Косово, таа рече дека Приштина веќе предложила заедно со КФОР и ЕУлекс да се направи заедничка безбедносна проценка, врз основа на која повлекувањето може да се случи и додаде дека треба да се продолжат заедничките напори за да се пронајдат „криминалците“ кои извршија насилство врз војниците на КФОР.

Таа тврди дека Белград е одговорен за ситуацијата на северот на Косово и изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ се враќа на „старата стратегија“ во која, како што вели, создава криза по криза, блокирајќи го напредокот и спроведувањето на договорите постигнати преку дијалог.

Османи смета дека апсењето на тројцата косовски полицајци е едно од последните прекршувања на Охридскиот договор и воено-техничкиот договор од 1999 година, за што го обвинува Белград.

Таа ја критикуваше меѓународната заедница што не реагира на, како што рече, кршењето на договорите извршени од Србија.

„Во последните два месеца, од 18 март кога беше склучен договорот, континуирано има прекршувања, но никогаш не слушнавме изјава од европските земји. Мислам дека ова ја охрабрува Србија да не се грижи за тој процес и го поткопува кредибилитетот на процесот на дијалог“, рече Османи.

Таа изјави дека е оптимист за надминување на актуелните спорови со западните партнери и ја нагласи потребата од дијалог и конструктивна соработка.

Треба да знаете
Последни објави