Осумгодишник од Гостивар загина во сообраќајна несреќа во Албанија

Во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случила во Албанија  загина A. K.(8) од Гостивар, а пет лица се повредени.

-Сообраќајната несреќа се случила  на патниот правец Елбасан-Пеќин, кај селото Паулеш. Во несреќата учествувал автомобил марка „голф” со гостиварски регистарски таблички, што го управувала македонската државјанка Т.Б., а кој се движел од Елбасан кон Пеќин како и автомобил управуван од А.Х. од Каваја, пренесуваат медиумите.

Повикувајќи се на полициски извори медиумите објавуваат дека Т.Б. изгубила контрола врз возилото,  удрила во другото возило и завршило на браниците на патот.

Во несреќата со повреди се здобила мајката на починатото дете Т.Б. и  нејзината 11- годишна ќерка, како и А.Х. и две лица кои биле во неговиот автомобил.  Транспортирани се во регионалната болница во Елбасан и според последните информации се вон животна опасност.

Причина за несреќата е влажниот коловоз и неприлагодена брзина на движење на автомобилот со македонски ознаки. Според медиумите местото каде што се случила несреќата е една од неколкуте црни точки на оваа делница. 

Амбасадата на Северна Македонија во Тирана е во комуникација со надлежните институции на Албанија и семејството на починатото дете и се ставени на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Албанија.

На располагање се дежурните телефони на Амбасадата на Северна Македонија во Тирана +355689019198 и СОС телефонот на Министерството за надворешни работи 075 273 732.

Треба да знаете
Последни објави