Извлечено косовското „бмв“ од Лепенец, внатре се трите тела на исчезнатите

Возилото со косовски таблички марка „бмв“ кое вчера по сообраќајка излета кај Лепенец, на патот Скопје- Приштина е извлечено, дознава 24 Инфо.

Пронајдени се и телата на трите лица кои се водеа за исчезнати. Станува збор за сопружници и нивни малолетен син, а поголемиот вчера беше спасен и е вон животна опасност.

Возилото го извлекле припадници на нуркачиот тим на „тигрите“.

-На 17.06.2023 околу 15.20 часот е пријавено дека на патот Скопје- ГП Блаце се случила сообраќајна несреќа во која учествувале автомобил „фолксваген туран”, што го управувал Б.Б.(64) од Скопје и автомобил „бмв” со косовски регистерски таблички, управувано од Н.П.(60) од Косово, кое по несреќата паднало во реката Лепенец. Во возилото „бмв”, според пријавеното, покрај возачот имало и тројца сопатници М.П.(48), Ш.П.(21) и 16 годишен малолетник. По несреќата сопатникот Ш.П. е изваден од реката и пренесен во ГОБ „8 Септември” каде од лекар му биле констатирани телесни повреди, а по останатите три лица се трага од страна на екипи од Одделот за специјални полициски операции. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот на возилото „фолксваген туран” Б.Б. е лишен од слобода и задржан за понатамошно постапување, велат од МВР.

Според првичните информации на обвинителството, до несреќата дошло кога „фолксвагенот“ претекнувал колона автомобили.

-Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил „БМВ“ со косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, рекоа од Обвинителството.

Треба да знаете
Последни објави