Спречен терористички напад на Парадата на гордоста во Виена

Австриските власти денеска соопштија дека спречиле евентуален напад на Парадата на гордоста во Виена, која била планирана да ја изведат тројца млади момчиња, наводни симпатизери на екстремистичката група Исламска држава, објави јавниот сервис ОРФ.

Шефот на домашната разузнавачка служба на Австрија, Омар Хајави-Пирхнер, изјави за новинарите дека осомничените, на возраст од 14, 17 и 20 години, биле уапсени пред почетокот на саботната Парада на гордоста, на која присуствувале околу 300.000 луѓе.

Тој нагласи дека „во ниту еден момент немало опасност за учесниците на парадата“, пренесува АП.

Пирнер изјави дека тројцата осомничени се австриски државјани со босанско и чеченско потекло, но не го откри нивниот идентитет.

Тој додаде дека еден од осомничените веќе и е познат на полицијата.

Според извештајот на ОРФ, разузнавачката служба добила информации за наводните планови на осомничените пред да се случи Прајдот, ги држела „под постојана контрола“ и ги уапсила по претреси во куќи во кои биле откриени различни докази, вклучително и оружје.

Треба да знаете
Последни објави