Папата Франциск на плоштадот Свети Петар ги поздрави верниците по операцијата

Папата Франциск денеска, два дена по излегувањето од болница, го продолжи својот неделен обичај да ја поздравува јавноста на плоштадот Свети Петар, изразувајќи благодарност за утехата што ја доби по операцијата.

Франциск (86) се заблагодари на толпата, која извикуваше „Да живее папата!“, за нивната „милост, внимание и пријателство“, како и за молитвите за време на престојот во болницата, каде што во јуни беше опериран со гастрична хернија.

-Оваа човечка и духовна блискост ми беше голема помош и утеха – рече папата пред околу 15.000 луѓе на плоштадот.

Тој потсети дека во вторник се одбележува Светскиот ден на бегалците и истакна дека „со голема тага размислува за жртвите од бродоломот кај брегот на Грција“, во кој загинаа најмалку 78 мигранти од 750-те за кои се верува дека биле на бродот.

Папата звучеше малку без здив и зарипнат на моменти за време на неговото обраќање, но тој многу гестикулираше со рацете и изгледаше среќен што се врати на својата рутина, наведува АП.

Поради тричасовна операција под општа анестезија, Папата беше принуден да го прескокне настапот во недела на 11 јуни. Лекарите го советуваа да одмора што е можно повеќе кога ќе продолжи со работа во Ватикан.

Како што соопшти Ватикан, Франциск во вторник ќе го прими бразилскиот претседател Инасио Луис Лула да Силва, но нема да одржи општа аудиенција на плоштадот Свети Петар во среда.

На почетокот на август Франциско ќе ја посети Португалија, а на крајот на тој месец треба да стане првиот папа кој ја посетил Монголија.

Треба да знаете
Последни објави