Во казнената колонија денеска почнува ново судење против Алексеј Навални

Во казнената колонија, во која веќе издржува долгогодишна затворска казна, денеска треба да почне ново контроверзно судење против познатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, изјави неговиот адвокат, јави ДПА.

Во оваа прилика, додава агенцијата, Московскиот општински суд постапката ќе ја организира во околу 260 километри оддалечениот затворски логор, каде Навални се наоѓа веќе неколку години.

Навални веќе отслужи две години од деветгодишната казна и сега се соочува со уште 30 години затвор. 

Судењето се одржува североисточно од Москва, во Владимирската област, јави ДПА.

Опозиционерот се соочува со седум нови обвиненија, вклучувајќи и основање и финансирање на екстремистичка организација и банализирање на нацизмот. 

Критичарот на Кремљ ги отфрла обвинувања, оценувајќи дека се политички инсценирани.

Новото судење всушност почна на 6 јуни, но беше зад затворени врати и досега се занимаваше само со процедурални прашања.

Овој пат јавноста ќе биде присутна во импровизираната судница,  но повторно нема да им биде дозволен пристап на новинарите, наведоа од правниот тим на Навални.

Во летото 2020 година, за време на лет од Сибир за Москва, Навални беше отруен со нервниот агенс Новичок, а за тоа тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин и руската разузнавачка служба ФСБ. По лекувањето во Германија, тој се врати во Русија и покрај заканата од затвор. 

Меѓународните организации за човекови права Навални го сметаат за политички затвореник, додаде ДПА. 

Треба да знаете
Последни објави