Грижата за финансиската писменост на младите и во изминатата учебна година беше еден од приоритетите на Народната банка

Народната банка спроведе засилени активности во доменот на финансиската едукација преку изведување обуки за учениците, спроведување едукативни презентации, едукативни материјали, натпревари, квизови и објави на едукативни содржини и во учебната 2022/2023 година. Народната банка ја заокружи годината со изведени над 150 едукативни предавања за јакнење на финансиската писменост и инклузија, со голем број учесници, меѓу кои ученици, студенти, наставници и професори, како и деца од предучилишна возраст.

Предавањата за учениците и студентите го одбележаа и годинашното издание на Глобалната недела на парите, под тема „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината” којашто беше посветена на одржливоста и подигнувањето на свеста од последиците на индивидуалното финансиско однесување, не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Заложбата на Народната банка е да ги поттикне младите луѓе да гледаат долгорочно при носењето на своите финансиски одлуки и да го имаат предвид влијанието врз животната средина и општеството. За таа цел, Народната банка изведе виртуелни предавања за учениците од основните училишта од руралните и од помалите градски средини. Со предавањата беа опфатени голем број ученици и  професори. Учебната година, во чии рамки беше вклопена и финансиската едукација од Народната банка, заврши и со едукативен квиз за учениците од едно средно економско училиште, како и виртуелно предавање за студентите, кои имаа можност да се запознаат со инфраструктурата на платните системи во нашата земја, видовите платежни услуги и развојот на платежните услуги во последните неколку години, како и со основните карактеристики и придобивки од воведувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила од 1 јануари 2023 година. Воедно, во текот на јуни, во соработка со Сојузот на математичари, ќе се одржат предавања за подготовка на тимот на средношколци коишто ќе ја претставуваат нашата земја на Меѓународната економска олимпијада.

За зголемувањето на финансиската писменост и финансиската инклузија на населението се предвидени активности и во Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија 2021 ‒ 2025 година. Во денешните услови на динамичен финансиски систем таа е сѐ попотребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението. Досегашното успешно работење се потврдува и со продолжувањето на соработката во доменот на финансиската едукација со ИНФЕ-ОЕЦД и Министерство за финансии на Холандија во рамките на Проектот за финансиска писменост и во наредниот петгодишен период од 2023 до 2027 година, при што предност му се дава на натамошното подобрување на нивото на финансиската писменост на населението преку утврдувањето и спроведувањето на домашните стратегии и политики за финансиска писменост, преку изработка на анализи, извештаи и препораки за градење капацитети приспособени на соодветните институционални потреби и стратегиските приоритети.

Треба да знаете
Последни објави