Црвенковски промовира иницијатива за приближување на Западниот Балкан до ЕУ

Во недостиг на јасна стратегија за проширување постојано слушаме едни те исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати”, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во Унијата е единствената опција за која не постои алтернатива, па затоа во такви услови би сакал да промовирам идеја за иницијатива која на земјите од Западниот Балкан ќе им овозможи пристап до заедничкиот европски пазар и пристап до европските фондови, истакна денеска поранешниот претседател Бранко Црвенковски на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?”

– Вкупниот амбиент и во Европската Унија, но и во земјите кандидати за членство не остава голем простор да се надеваме дека процесот на евроинтеграција ќе добие некоја забрзана динамика, барам не на краток и среден рок, бидејќи Европската Унија нема јасен и консензуално усогласен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западниот Балкан, рече Црвенковски, потенцирајќи дека неговата иницијативата во оваа фаза не задира во и онака компликуваното одлучување во рамките на ЕУ.

Тој потенцира дека иницијативата би се однесувала на овозможување на земјите од регионот да пристапат до заедничкиот пазар и до европските фондови, но дека таа не би била никаква алтернатива или замена на полноправното членство во ЕУ.

– Напротив, тоа би бил еден меѓу чекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел, рече Црвенковски.

Според него, со прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство, а Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.

– Се разбира дека нема никаква гаранција ниту дека сите земји од регионот ќе се согласат и ќе застанат зад една ваква идеја, ниту пак доколку тоа се постигне дека ЕУ ќе ја прифати и ќе дојде до нејзина реализација. Но, ако не се обидеме никогаш нема да дознаеме каков би бил исходот. На крајот на краиштата нема што да изгубиме, нагласи Црвенковски.

Поранешниот претседател истакна дека за реализација на ваквата иницијатива би можела да се искористи веќе постојната Европска економска област, со што им се овозможува на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ и иако не се членки на Унијата.

– Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕО, а истовремено би се овозможил и пристап до Европските фондови, е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан со кој истовремено би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови, истакна Црвенковски.

Според него, би било добро земјите од Западниот Балкан, преку Берлинскиот процес, Отворениот Балкан или некоја друга форма на регионална соработка и комуникација да дефинираат и да усогласат една ваква заедничка иницијатива и со неа да настапат пред Европската Унија, со цел да се даде нов квалитет и нова динамика на интеграцијата и да се направи еден покрупен исчекор од сегашната статус кво ситуација.

– Со други зборови, ние земјите кандидатки за членство да и помогнеме на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на негово интегрирање, порача Црвенковски.

Тој потенцира дека за ваквата иницијатива бил поттикнат од фактот дека таму каде што бевме лани се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок.

– И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи, нагласи Црвенковски.

Тој потсети дека Босна и Херцеговина доби кандидатски статус, но со 14 услови и без право да ги користи европските фондови, на Косово заради збиднувањата на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД, додека Србија и Црна Гора преговорите со ЕУ ги почнаа пред девет, односно 11 години.

– Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече бавно, пред три години Франција предложи, а останатите земји членки прифатија нова методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму заради тоа, а не заради бугарското вето, во октомври 2019 и покрај позитивната препорака од страна на Европската Комисија, Македонија не ги почна преговорите со Унијата. И што е резултатот од новата методологија. Во овие три години ниту Србија, ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив, значаен чекор напред во процесот на преговорите. Со други зборови, од различни причини за различни држави, процесот на евроинтегрирање на целиот регион или стои во место или бележи симболички напредок, заклучи Црвенковски.

Тој истакна дека во креирањето на нашите политики во однос на евроинтеграциите мора да го имаме предвид и поширокиот контекст, а не се да се сведува само на проблемот со Бугарија, бидејќи фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали исчекори.

– Според мене, барем во овој момент не постои простор за некаков поголем оптимизам, ниту за наредниве неколку години. Во Европската Унија, посебно кај т.н. „стари” и највлијателни членки, се повеќе се зајакнува следниот став: „прво реформа на Унијата, па дури потоа ново проширување“. Но, заокружен концепт за тоа каква реформа, на кој начин и во кој временски период ќе се спроведе, се уште не е промовиран, истакна Црвенковски.

Според него, каква било реформа во Унијата може да се спроведе само со едногласна поддршка од сите членки, а целосен консензус е тешко да се постигне дури и за помалку важни прашања од тоа каков статус ќе имаат и кои привилегии ќе ги изгубат одредени земји со тие промени.

– Мора да признам дека за мене се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите без разлика од каде и од кого доаѓаат дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4, 5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување. Можеби грешам, но гледајќи ја поделеноста во Унијата и колку тешко доаѓаат до единствен став во однос на битни прашања поврзани со војната, како на пример санкциите кон Русија, воената помош за Украина, начините како да се справат со енергетската и економската криза како последица од војната, се плашам дека тоа ќе го зголеми скептицизмот, а не ентузијазмот за проширување на Унијата, додаде поранешниот претседател.

Според него, истражувањата на јавното мнение во повеќе земји членки на Унијата го потврдуваат таквото расположение, а за политичарите, посебно пред избори, анкетите и расположението на граѓаните имаат клучно влијание.

– Од друга страна, предолгото чекање, даваните, а неисполнети ветувања од страна на ЕУ кон земјите од регионот, поставувањето на услови и уцени, кои се косат со основните европски вредности како што е случајот со Македонија, доведоа и до намалување на поддршката на интеграцијата во ЕУ и во земјите од регионот. Неколку последователни и објективни истражувања на јавното мнение тоа јасно го покажуваат и во случајот со Република Македонија, додаде Црвенковски.

Тој истакна дека за жал резултатот од сето тоа е статус кво ситуација и во вакви околности пред нас имаме избор помеѓу две опции: првата е да останеме пасивни, да чекаме и да се надевме на некакво чудо, на некаков радикален пресврт кој ќе го забрза процесот или да бидеме иницијативни да даваме идеи кои ќе значат исчекор и ќе овозможат одредена интегрираност и пред полноправното членство во ЕУ.

– Притоа да ни биде јасно! Ниедна иницијатива нема никакви шанси да биде ниту разгледана, а камоли прифатена од страна на ЕУ ако дојде поединечно од која било држава. Единствено заеднички, усогласен предлог од сите земји од регионот може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел. За вакво нешто да може да се реализира од клучно значење се регионалната соработка, меѓусебната доверба и препознавањето на заедничките интереси, додаде Црвенковски.

Тој апелираше дека до политичките фактори во земјава ако оценат дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание во ред ќе му биде драго, а ако сметаат дека е лоша или безвредна може да ја критикуваат или едноставно да ја игнорираат.

-Но, ве молам немојте да и ставате партиски печат и да ја внесете во своите дневно-политички конфронтации. Не случајно се решив да ја промовирам токму тука пред Советот на амбасадори. Пред луѓе со големо животно и дипломатско искуство. Но, и со различни политички припадности, додаде Црвенковски.

Треба да знаете
Последни објави