Ѓоргиевска: Кожата памти, затоа да ја штитиме и ние кожата како што таа нè штити нас

Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, г-а Елизабета Ѓоргиевска, денеска во Европската куќа во Скопје учествуваше на панел-дискусија насловена „Ракот на кожата може да се види и доколку рано се забележи, може успешно да се лекува”, како дел од кампањата за подигнување на јавната свест за превенција и рано откривање на меланом и други карциноми на кожа, ЕУРОМЕЛАНОМА.

Г-а Ѓоргиевска потенцираше дека подигнувањето на свеста за ова заболување е исклучително важно бидејќи станува збор за алармантна појава.

„Се проценува дека ако продолжи истиов тренд на појава на случаи на меланом, до 2040 година ќе има 50% повеќе нови случаи, така што, на годишно ниво ќе има околу половина милион случаи во светот што значи дека стапката на смртност ќе се зголеми за 68% односно околу стотина илјади луѓе би го загубиле животот од меланом”, истакна г-а Ѓоргиевска.

Сопругата на претседателот нагласи дека треба секојдневно да обрнеме внимание на нашата кожа бидејќи станува збор за исклучително малигно заболување, а особено значајни се раната самодетекција  и редовните дерматолошки прегледи.

„Треба да запамтиме дека кожата памти. Затоа да ја штитиме и ние кожата како што таа нè штити нас”, истакна г-а Ѓоргиевска.

На панелот учествуваа и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, прим. д-р Зорица Зафировиќ,  дерматовенеролог, Универзитетска Клиника за дерматологијa – Скопје, претставник и координатор на ЕУРОМЕЛАНОМА во Северна Македонија, Филип Николовски, студент по медицина, Љупка Николовска, пациент со меланома и д-р Соња Граждани, основач на Клубот на млади лекари.

Треба да знаете
Последни објави