Том Круз се враќа со најновиот дел од серијалот Mission: Impossible, а раните реакции сугерираат дека ќе биде голем хит.
„Невозможна мисија: Одмазда – прв дел“ ги освои критичарите. Во првите реакции по светската премиера во Рим филмот е оценет како беспрекорно направен, возбудлив, и, вистински летен блокбастер.
Веднаш по премиерата во понеделникот во италијанката метропола, во рамки на Римскиот филмски фестивал, и критичарите и фановите кои имаа шанса да го гледаат, споделија пофалби на социјалните мрежи.
Филмот, кој го следи Fallout од 2018 година, доцнеше 90 минути на премиерното прикажување бидејќи Круз одржа непланирана средба со италијанската премиерка Џорџа Мелони, објави „Вараети“.
Ова очигледно ја фрустрираше публиката, на која, наводно, ѝ здосади да гледа снимки од интервјуа на црвениот тепих во Auditorium della Conciliazione што се повторуваа по неколку пати.
Меѓутоа, публиката го смени расположението со топол аплауз откако конечно пристигна човекот на вечерта, заедно со својот режисер и долгогодишен соработник Кристофер Меквери.
Публиката во Рим беше воодушевена кога Вечниот град беше прикажан на големиот екран на сцената, а некои луѓе извикуваа „Браво Том!“
Најновиот од сагата Mission:Impossible ја имаше својата премиера во култната италијанска меропола во рамки на Филмскиот фестивал, а значаен дел од филмот беше снимен токму во овој град.
На „Твитер“, првите реакции за филмот беа речиси едногласно позитивни.
Писателот Жерман Лусие (Gizmodo и io9) новиот филм го нарече фантастичен и додаде дека има динамитна, правовремена приказна.
Ерик Дејвис, од „Фанданго“ и „Ротен томатос“ напиша дека поминал апсолутно најдобро време гледајќи го новиот филм на Круз. „Беспрекорно направен акционен филм кој не престанува да ве забавува“, додаде тој во својот твит.
Филмскиот критичар Скот Менц твитна дека Dead Reckoning вредеше да се чека. Тој додаде дека е апсолутно фантастичен и го прогласи за „најдобра мисија досега“.
Според десетици други рани рецензии, овој филм е победник на серијалот и, дефинитивно е на пат да стане најголемиот акционен блокбастер летово.