Стојам зад потенцијалот што се наоѓа во секој млад човек и ќе направам сè за подобра иднина на младите, затоа работам посветено за решавање на тешките предизвици пред кои се соочуваме на европскиот пат, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на младинската трибина „Младина, иднина, Европа” во организација на Социјалдемократската младина на Македонија.
-Ние, социјалдемократите, сме горди носители на прогресивната идеја за европската иднината на земјата и напредокот на нашето демократско општество. Вие, младите, сте движечка сила на позитивните промени и архитекти на утрешнината. А ние сме тука да направиме сè за да успеете. Сум го кажал ова и досега, сега сакам да го повторам, јас, како човек пред сè, стојам зад потенцијалот што се наоѓа во секој млад човек, и ќе направам сè за подобра иднина на младите. Не само успехот на државата и нашето општество, остварувањето на вашите идеи, соништа и амбиции се клучен мотив за мене. Европската идеја и можностите кои таа ги носи за вас, младите, е најсилниот сојузник на овие соништа и амбиции. Затоа работам посветено за решавање на сложените предизвици со кои се соочуваме на европскиот пат, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека е горд што и самиот бил дел од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), најголемиот и најпрогресивен партиски подмладок во македонската политика.
-Да се биде дел од СДСМ и СДММ отсекогаш било чест. Но, да се биде дел од СДСМ и СДММ во вакви сложени времиња од кои зависи иднината на државата, е тоа е нешто повеќе, тоа личен влог за подобро утре, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на младинската трибина во Скопје.