Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Лондон. Во фокусот на разговорите беа можностите за поддршка на Украина, како и идните чекори за обнова на земјата која се соочува со последиците од руската воена агресија.
На состанокот, Османи ја реафирмираше недвосмислената поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи ја обезбедената помош за земјата.
“Од самиот почеток, Северна Македонија силно ја осуди руската агресија врз Украина, повикувајќи на итно прекинување на воените дејствија и изразувајќи поддршка и солидарност со украинскиот народ. Северна Македонија е четврта меѓу земјите-членки на НАТО во воена помош за Украина по глава на жител, а воедно обезбеди и хуманитарна и медицинска помош.” – рече Османи.
Воедно, Османи ја нагласи и поддршката на Северна Македонија преку нашето активно учество во Меѓународната кримска платформа, како и неодамнешното приклучување кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.
Во својство на Претседавач со ОБСЕ, Османи истакна дека Украина е меѓу приоритетите на нашето претседавање, нагласувајќи дека на располагање се сите механизми на Организацијата за поддршка на земјата, нејзините институции и луѓето од погодените области.
На маргините на конференцијата, министерот Османи оствари билатерални средби со негови хомолози од различни земји.