Претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска, во своето обраќање на партиската трибина на тема „Младина Иднина Европа” истакна дека младите се движечка сила на општеството, мотив за секоја политика.
Се бориме за секој во нашата држава да има еднакви можности, младите да можат да ги остваруваат своите соништа но, тука во нашата држава, да пишуваме наша историја, а Европа и светот да зборуваат за нашите успеси, нагласи Тренчевска.
Тренчевска нагласи дека како партија, која сега е на власт, СДСМ овозможува голем број на можности за младите, а особено можности кои водат кон интеграција на младите во општеството како независни личности.
Од 2018 година во континуитет успешно го спроведуваме проектот Гаранција за млади, во која досега се вклучија над 80.000 млади лица, рече Тренчевска додавајќи дека лани во Гаранцијата за млади биле вклучени 20.185 млади невработени лица, од кои 7419 се вработиле, а 1 287 лица биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување.
Тренчевска додаде дека средствата за Оперативниот план за вработување континуирано се зголемуваат, а за оваа година се издвоени 32 милиони евра, што е 2 милиони евра повеќе од лани.
Вкупниот опфат на невработени лица со мерките за вработување и услуги на пазарот на трудот е 18.056 лица и е за 3371 лица поголем или за 20% од минатогодишниот Оперативен план за вработување, нагласи Тренчевска, додавајќи дека најатрактивна мерка за младите е самовработувањето, а тој сон годинава ќе добијат шанса да го остварат 2.078 невработени лица.
Тренчевска се осврна и на другите мерки и политики на СДСМ креирани за младите, за зголемување на нивната вработливост, помош и поддршка.
Ова не се само празни ветувања, ова се факти, ова се бројки ова е посветена работа, работиме бидејќи на младите им должиме подобра иднина и ги поддржуваме нивните прогресивни идеи кои водат до Европска Македонија, порача претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска.