Пожарот што денеска избувна во Париз по силна експлозија најверојатно на гас е ставен под контрола, изјави шефот на париската полиција Лоран Нуњез.
„Пожарот е под контрола“, изјави Нуњез, додавајќи дека 25 лица се повредени, од кои четворица се во критична состојба.
Експлозијата на гас се случи во 5-от арондисман околу 17 часот по локално време.
Фасадата на една зграда паднала на улица, а неколку згради се запалиле, јавува Би-би-си. На терен се бројни полициски сили и пожарникари.
„Гардијан“ јавува дека дошло до експлозија на гас. Полицијата им порача на граѓаните да го избегнуваат теренот бидејќи пожарот се проширил и на соседните згради.
Главниот штаб на париската полиција во 18:05 соопшти дека има најмалку 16 повредени, пренесува „Le Parisien“. Седум од нив се во критична состојба.
„Слушнавме огромна експлозија која траеше многу долго, што ја почувствувавме речиси како на филм. Се погледнавме, се спуштивме по скалите во тишина и излеговме надвор, видовме урнатини насекаде и останавме во дворот на зградата пред да бидеме евакуирани во Вал-де-Грејс. Мислев дека тоа е атентат“, изјави за „Le Parisien“ очевидец, жител на Париз.