Битолската полиција денеска го уапси Раде Ристевски (60) од мариовското село Маково по распишана централна потерница поради бегство од КПУ Затвор Прилеп.
Ристевски е осуден на 16 години и 4 месеци за убиство на соселанецот Раде Стојановски (83) пред седум години во селото.
Уапсениот затвореник има за доиздржување 9 години и 7 месеци од казната.
Според обвинението, Ристевски пред селската продавница во Маково по караница со овчарски стап го удрил неколку пати по главата 83-годишниот соселанец. Повредениот добил повеќе повреди на главата, а подоцна умрел во битолската болница.
Неофицијално, причина за тепањето била политичка расправија по неколку испиени чашки ракија во која убиецот ја критикувал тогашната специјална обвинителка, Катица Јанева, а Стојановски ја бранел.
Претходно, убиецот бил во домот на убиениот и заедно се упатиле кон селската продавница. И синот на Стојановски гледал како Раде го тепа татко му но не се осмелил да се доближи. Откако го истепал старецот, Раде Ристевски ги издупчил гумите на џип што било паркиран во близнина на куќата на Стојановски.
Ристевски бил поранешен осуденик и одлежал затворска казна за обид за убиство, но и по излегувањето сеел страв меѓу жителите на Маково.