Околу 5.000 „вагнеровци“ пред Москва, градоначалникот ги повика жителите да ги ограничат патувањета

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги повика жителите да ги ограничат патувањета, предупредувајчи на можно затворање на патиштата.

Собјанин предупреди дека ситуацијата во главниот град е „тешка“, со оглед на тоа дека силите на платеничката група Вагнер се движат кон главниот град на Русија  за да го соборат руското воено раководство.

„Ситуацијата е тешка. Ве замолувам да се воздржите од патување низ градот колку што е можно повеќе“, рече Собјанин во изјавата, предупредувајќи на можно затворање на патиштата.

Воедно, тој соопшти дека понеделник ќе биде „неработен“ ден, со одредени исклучоци, за да се минимизираат ризиците.

Претходно Би-Би-Си Русија јави дека во Москва се евакуираат дел од јавните згради, како што се музеи, трговски центри и слично, а истовремено се соопштува дека руските сили поставуваат митралески гнезда на јужниот влез во престолнината. 

Руските војници распоредиле сили во полна борбена готовност на југозападниот крај на Москва, објави рускиот весник Ведомости поткрепени со фотографии од теренот.  На фотографиите се гледаат и полицајци собрани на позицијата каде што автопатот М4 се спојува со влезот во рускиот главен град. По овој автопат се движат бунтовничките платеници од „Вагнер“. Според западни медиуми тие се сега на околу 250 км од Москва.  

Конвојот на бунтовничките борци на Вагнер кој по автопат се приближува до предградијата на Москва се состои од околу 5.000 луѓе, предводени од високиот командант на Вагнер, Дмитриј Уткин, изјави извор близок до раководството во делот на украинската провинција Доњецк, контролиран од Русија, пренесува Ројтерс.

Извор на Ројтерс рече дека планот на Вагнер за Москва е да заземе позиции во густо населена област.

Треба да знаете
Последни објави