Американец во 2019 ја предвидел несреќата на подморницата која требаше да оди до Титаник

Американскиот експерт за подводен туризам, Карл Стенли, уште во 2019 година го предупреди извршниот директор на „Оушн Гејт“, Стоктон Раш, дека подморницата „Титан“ не е безбедна.

Тој рече дека во април 2019 година Раш го поканил на пробно патување на „Титан“. Тестирањето се одржа во близина на Бахамите, а подморницата тогаш беше на длабочина од 12.000 стапки (3.657 метри) при што испуштал застрашувачки звуци од трупот.

Раш лично го дизајнирал трупот од јаглеродни влакна на подморницата, а Стенли го предупреди сопственикот на подморницата да го забави понатамошното тестирање додека не утврди што ги предизвикува чудните звуци во трупот.

Во интервју за Си-Ен-Ен, Стенли рече дека бучавата од трупот е многу вознемирувачка за него, но дека Раш, кој управувал со подморницата, не и придавал никаква важност.

– По возењето сфатив дека сме во многу опасна ситуација. На Раш му напишав е-пошта во која ја изразив мојата загриженост. Му напишав дека бучавата што се слуша за време на нуркањето звучи како дефект, во област која била подложена на огромни притисоци и била згмечена или оштетена – изјави Стенли.

„Њујорк тајмс“ го објави мејлот во целост. На него се гледа дека Стенли го предупредил Раш оти „гласниот и крцкав звук сигнализира дека има дел од трупот што е оштетен“.

– Корисно би било да ги отстраните варијабилите на инвеститорите, научниците гладни за мисии, вашиот тим гладен за успех, соопштенијата за печатот кои веќе го објавуваат распоредот за нуркање за ова лето. Замислете го овој проект како самофинансиран и според вашиот распоред. Дали би размислиле да земете десетици други луѓе на „Титаник“ пред навистина да го дознаете изворот на тие звуци – се вели во мејлот.

Раш, сепак, никогаш не одговорил на тој мејл, ниту се откажал од својата цел, која на крајот заврши неславно со пет човечки жртви.

Покрај Раш, во оваа подводна екскурзија загинаа и пакистанскиот милионер Шахзад Давуд и неговиот син Сулејман, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и францускиот поморски ветеран Пјер-Анри Наргул.

Една година претходно, во 2018 година, Раш го избркал директорот за поморски операции на Оушн Гејт, Дејвид Локриџ. Тој се карал со директорите на компанијата, обвинувајќи ги дека не ги почитувале безбедносните протоколи. Локириџ, всушност, побарал поригорозни безбедносни проверки и дополнително тестирање, со што Раш не се согласувал.

Експертите сметаат дека причина за имплозијата на „Титан“ е солената вода, која од претходните патувања останала заробена меѓу различни делови од подморницата. Според нив, можно е водата да поминала низ јаглеродните влакна на трупот и на тој начин да ја направила уште понебезбедна и мека.

Треба да знаете
Последни објави