Уставните судии денеска одржаа состанок на кој едногласно одлучија да се оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на „Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги”.
Станува збор за Упатството донесено од страна на Министерството за правда на 29 мај 2023 година и кое изминатиот период предизвика голем интерес кај јавноста.
Овој предмет е формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.
Состанокот се одржа на предлог на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и присуствуваа сите судии.
Согласно Делвникот, овој предмет е предаден на судија известител и советник на Судот и веќе се води претходна постапка за испитување на уставноста на Упатството.
Во врска со прашањата на неколку медиуми, до Судот до овој момент на објава на ова соопштение не е поднесена иницијатива од страна на граѓани со кој се оспорува истото Упатство.