Дачиќ: СПС е подготвена да разговара за учество во народното движење на Вучиќ

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, денеска изјави дека неговата партија е подготвена да разговара за учество во народното движење, чие формирање го најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, но дека претходно треба да се разјасни прашањето за „ориентацијата“ и „организацијата“на тоа учество, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ, кој е и министер за надворешни работи, за телевизијата Прва изјави дека треба да се разјасни дали идејата СПС да учествува во народното движење на Вучиќ имплицира дека тоа би било коалиција за заедничко учество на избори или нешто друго.

Тој рече дека постои „потреба од некаков заеднички настап“ на изборите, во услови кога дел од опозицијата се обединува и станува „еден блок“.

-Не ни е туѓа идејата дека за тоа ќе се разговара. Не сме одржале разговори, освен во принцип дека сме подготвени да разговараме за тоа, рече Дачиќ.

Тој потсети дека вакво коалиционо обединување со Српската напредна странка (СНС) предложил уште пред последните избори, кога СНС реши да оди одвоено бидејќи проценките беа дека двете партии ќе освојат повеќе гласови доколку учествуваат одделно на изборите.

Дачиќ рече дека „треба да се земат предвид тие оценки“ и кога ќе се одлучува за учество во најавеното народно движење на Вучиќ.

Треба да знаете
Последни објави