Германистите потврдуваат: Шолц кажа дека стои зад тоа дека нема да има нови барања во пристапниот процес

Германскиот канцелар, Олаф Шолц на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски кажа дека тој стои зад тоа дека нема да има нови билатерални барања и дека процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ ќе биде регуларен со сите постапки пропишани од ЕУ, потврди германист за „360 степени“, слушајќи го оригиналниот говор на Шолц.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обидувајќи се да креира проблем таму каде што нема, денеска на прес-конференција креираше конфузија дека канцеларот Шолц не го кажал зборот, гарантирам, како што се слушна на симултаниот превод од конференцијата. Според пратеникот Драган Ковачки од опозициската партија, Шолц не рекол дека гарантира, туку само дека не треба да има нови условувања.

Германистот со кој разговарале од „360 степени“ објаснил дека фразата што ја кажал Шолц, „dafur stehe ich“ се преведува како „јас стојам зад тоа“, но алтернативен превод на оваа фраза може да биде и „гарантирам“.

Слушајќи го оригиналот, германистот контактиран од „360 степени“ направил интегрален превод на изјавата на Шолц, која гласи:

„Тоа треба така да биде, да биде сосема регуларен пристапен процес, со сите постапки што Европската Унија ги управува и, се разбира, сите нешта за кои станува збор се запишани тука. Нема нови барања што се однесува до билатералната ситуација. И јас стојам зад тоа“.

Гледајќи го овој превод, јасно е дека и симултаниот превод доволно јасно и прецизно ја доловува поентата на Шолц, дека тој, како германски канцелар, гарантира дека нема да има дополнителни барања во пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ и дека тој ќе се одвива според европските прописи.

Треба да знаете
Последни објави