Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар по две сезони поминати во второлигашката конкуренција го најави стартот на подготвките за новиот предизвик во елитното друштво. Вардарци се вратија во прволигашкото друштво, но и во својот дом, арената „Тоше Проески“ од каде испратија порака до своите навивачи – купете сезонски билет по симболична цена за да помогнете на омилениот клуб.
„ФК Вардар официјално ги започна подготовките за наредната сезона. Денес, симболично ја најавуваме и големата акција за купување на сезонски билет, за домашните натпревари кои клубот ќе ги одигра на Градскиот стадион во Скопје.
Цената на сезонскиот билет ќе изнесува симболични 1.000 денари. Ги повикуваме сите Вардарци, навивачи на најголемиот македонски фудбалски клуб, да бидат спремни зошто акцијата започнува многу брзо. Сите собрани финансиски средства, ќе бидат наменети за функционирањето на клубот.
Време е народот, кој во моментов преку навивачите е единствен сопственик на клубот, да си го каже своето. Од борбата за Вардар нема откажување. Полниот стадион на првиот домашен натпревар, нека биде јасна порака, дека Вардар ќе живее!
НАВИВАМЕ ЗА КЛУБОТ НА НАРОДОТ!