Најтрофејниот македонски колектив, екипата на Вардар, како полека да почнува да плови кон помирни води, па во тој правец е најавата за почеток на подготовките за новата сезона во Првата лига, каде што црвено-црните се вратија по двегодишниот престој во понизок ранг.
Од клубот информираат дека првиот собир ќе се одржи вечерва и тоа на арената „Тодор Проески“, што значи дека најпознатиот македонски спортски бренд се враќа дома, на својот Градски.
„По долго време се враќаме во нашиот дом и повторно, како некогаш, го враќаме сјајот на најголемиот и најсаканиот македонски фудбалски бренд. Вардар е клуб на народот, така било, така ќе биде секогаш, но овојпат тоа ќе биде и формално. Отворен клуб кој ќе функционира транспарентно, и ќе биде достапен за сите свои навивачи, јавноста и се разбира народот“, се вели во соопштението на вардарци.
Вардар враќањето во елитата го обезбеди со победата во бараж-дуелот против Скопје, остварен пред еден месец во Кавадарци.