Поранешниот напаѓач на Работнички и на Шкупи, Серхио Антонио де Луиз Јуниор Сержињо, деновиве е претставен како големо засилување на легендарниот бразилски прволигаш, Васко де Гама, како доказ дека во македонското првенство неретко ќе „залута“ и некој ептен квалитетен странец.
Тој пред шест години одигра една сезона во тимот од Дебар Маало, по што направи трансфер во Чаир, каде што се наметна како најдобар играч во тимот, но и можеби најдобар во целата Прва лига. Од Шкупи замина во Турција каде што настапуваше за Гиренспур, а претходно беше дел од клубови во Косово и Албанија.
„За мене ова е животна можност, да играм за еден од најлегендарниот бразилски клубови. Имав други понуди, но кога се појави оваа заборавив се друго. Верувам дека ќе успеам да се наметнам“, изјави Сержињо на промоцијата, по која дури и бразилските медиуми го нарекоа „непознат бразилски фудбалер“.
Бразилскиот напаѓач одигра фантастично во Шкупи, во чиј дрес настапил на 57 меча на кои постигна 14 гола и имаше 12 асистенции. Васко де Гама е 24-кратен шампион на Бразил, кој последен пат ја освои титулата во 2016 година.