Истражувањето објавено во списанието „Фронтиерс ин имјунолоџи“ откри зошто имунолошкиот систем на астронаутите слабее по патувањето во вселената. Многу гени, кои придонесуваат за функцијата на имунолошкиот систем, се потиснати за време на патувањето во вселената, според студијата, пренесува „Њусвик“.
„Послабиот имунитет го зголемува ризикот од заразни болести, кои потоа ја ограничуваат способноста на астронаутите да извршуваат многу напорна работа во вселената. Ако инфекцијата или состојбата поврзана со имунолошкиот систем еволуира во состојба што бара медицинска нега, астронаутите во вселената имаат ограничен пристап до нега и лекови“, вели Одет Ланевил, автор на студијата.
Има сè повеќе докази кои сугерираат дека астронаутите се поподложни на инфекции додека се во вселената. Оние што поминуваат долго време на Меѓународната вселенска станица (ISS) често страдаат од исип на кожата, респираторни и други болести. Исто така, докажано е дека астронаутите имаат тенденција да фрлаат повеќе вирусни честички, како што е потврдено од вирусите Epstein-Barr и Varicella-Zoster.
Во студијата „Фронтиерс“ научниците ја проучувале генската експресија во белите крвни зрнца на 14 астронаути, вклучувајќи 11 мажи и три жени, кои живееле на ISS четири до шест месеци помеѓу 2015 и 2019 година. Примероците биле земени пред, за време и по летот.
„Епруветите со крв се испраќаат во лабораторија за изолација на белите крвни зрнца, а потоа и генетскиот материјал. РНК се секвенционира и резултатите се испраќаат на опсежна анализа“, објасни Ланевил.
Експресијата на гените е процес со кој инструкциите во ДНК се претвораат во функционален производ, како што е протеинот. Вообичаено, само мал процент од гените се вклучени во даден момент, а другите се потиснати или исклучени – токму овој процес на вклучување и исклучување е познат како регулација на гените.
Регулацијата на гените е клучен дел од нормалниот развој, а неговото изразување во организмот може да биде под влијание на средината во која се наоѓа организмот. Се чини дека тоа е случај со вселенските бродови.
„Овде покажуваме дека изразувањето на гените поврзани со имунолошката функција се намалува кога астронаутите ќе пристигнат во вселената, а кога ќе се вратат на Земјата по шест месеци, се случува спротивен процес“, тврди Ланевил.
Резултатите покажуваат дека промените во изразувањето на овие гени може да доведат до брзо слабеење на имунолошкиот систем на астронаутот. За среќа на астронаутите, научниците забележале дека повеќето од засегнатите гени се вратиле на нивото на изразување пред летот во рок од една година по враќањето на Земјата. Обично тоа се случувало уште побргу, веќе по неколку недели.