Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, на седницата за пратенички прашања во Парламентот порача дека оваа Влада како ниедна досега се фокусира и презема конкретни чекори во насока на развој на претприемништвото, економијата и бизнис секторот.
„Преку сет на економски мерки, во услови на Ковид криза, како и светска економска и енергетска криза успеавме да ги задржиме работните места, да ја обезбедиме ликвидноста на компаниите и да го стабилизираме пазарот. Направивме сè невработеноста во време на криза да се намали за 8%, а вработеноста да се зголеми за 9,5% и тоа е економски резултат изразен преку факти којшто ја потврдува успешноста на политиките во делот на зачувувањето на работните места”, посочи премиерот Ковачевски, кој нагласи дека Владата направи економска пресвртница.
„Меѓутоа, таа економска пресвртница не беше направена само со помош на странските инвестиции како што беше во минатото, туку напротив беше направена со поддршка на домашните компании и нивните инвестиции што е случај со оваа Влада. Ние препознавме можност домашните компании да растат со цел да имаат стабилен деловен амбиент кој го создаваме и преку поволности коишто се наменети и за домашните компании што повторувам не беше случај во минатото. Создадовме стабилна бизнис клима каде наместо страв од клуч на врата во едни не така далечни времиња, сега владее клима на взаемна доверба и партнерски однос меѓу Владата и компаниите коишто се застапени или на ниво на Стопански комори или на ниво на здружение на работодавци”, рече премиерот Ковачевски.
Тој нагласи дека минатата година Владата обезбеди највисока финансиска поддршка и тоа за најголем број компании во изминативе пет години.
„2022 беше рекордна година по висината на исплатениот износ за финансиска поддршка, како и на број на поддржани компании. Само за една година беа исплатени 23 милиони евра кон компаниите кои имаат договори според Законот за финансиска поддршка на инвестициите реализирани во текот на 2021 година. Со овие средства беа поддржани 410 производствени компании, што е двојно повеќе од 2021 година или повеќе од пет пати во споредба со 2018 година, кога биле поддржани само 73 компании”, предочи премиерот Ковачевски, додавајќи дека сумата од 23 милиони евра исплатена лани е двојно поголема сума во споредба со 2021 година или седумкратно повеќе во споредба со 2018 година кога е донесен Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Набројувајќи ги сетот на мерки за финансиска поддршка на компаниите, премиерот Ковачевски истакна дека со Законот за финансиска поддршка на инвестиции се стимулира развојот на нашите домашни компании, кои претходно биле во втор план поради тоа што пред Законот државна помош се доделувала преку индивидуални договори за државна помош, главно на поголеми инвестициски проекти на странски директни инвеститори.
Премиерот најави дека поддршката за компаниите врз основа на овој закон ќе продолжи и во текот на 2023 година, со очекувања да се надмине бројката за финансиска помош од 2022 година.
„Минатата 2022 година ќе биде запаметена и по тоа што ја заокруживме со над 750 милиони евра странски директни инвестиции и отворени над 2.300 нови работни места со натпросечни плати коишто се исплаќаат во овие компании што значи дека за пет години ја надминавме бројката од 17.000 вработени и се вработени 10.000 нови работници во индустриските развојни зони. Ги помогнавме компаниите, создавајќи конкурентни работни места, со плати над просечната. Овозможивме раст на минималната и просечната плата, со тоа и раст и на пензиите, што резултира со зголемување на животниот стандард на граѓаните. Покажавме висок степен на одговорност со тоа што предвидовме најголем пакет антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра, најголем од сите земји во регионот според Светската банка”, посочи премиерот Ковачевски.
Премиерот заклучи дека Владата успеа да им помогне на компаниите, постигнувајќи највисока минимална плата во историјата на државата од над 20.000 денари и покачување на просечната плата од 600 евра, а го спомена и зголемувањето на пензиите.
„Пензиите со новото зголемување коешто ќе го добијат пензионерите во септември ќе бидат зголемени за 25% за една година. Вакво зголемување немало никогаш до сега. Зошто е тоа така? Бидејќи финансиските средства од буџетот се инвестираат во продуктивни цели, се инвестираат во потребни инфраструктурни проекти, се инвестираат во поддршка на странски директни инвестиции, се инвестираат во поддршка на домашни инвестиции, се инвестираат во поддршка на отворање на работни места, во поддршка на зголемување на платите на постојните работни места, се инвестираат во развој на нови технологии, во развој на нови производи и во зголемување на извозот. Сето тоа влијае на економскиот развој и на економскиот раст во државата. Тоа е начинот на кој ќе продолжиме и тоа е начинот на кој треба да се развива македонската економија”, истакна премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Парламентот.