Јавноста е сведок на корупциски скандали продуцирани од ДУИ, а уште повеќе зачудува фактот што СДСМ молчи и не смеат ништо да изустат ако не им дозволи, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за пратенички прашања. Тој укажа и на случајот со Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
„Пред десеттина дена имаше одлука на Стејт Департмент со која Мерко беше ставен на црна листа, и тогаш излегува никој не е тука да објасни, ниту да побара оставка од Мерко. Немате храброст да побарате оставка од струшкиот градоначалник, се препелкате дека немате надлежност и оти го избрале граѓаните”, рече Стојаноски и го прашува премиерот Димитар Ковачевски „зошто се плашите да побарате оставка од Рамиз Мерко, лице осомничено за криминал, а устите ви се полни со ЕУ”.
Стојаноски постави и две прашања до министерот за правда, Кренар Лога.
„Вие сте од Струга и верувам дека сте запознаени со случувањата во државава, како и во Општина Струга. Оттука првото прашање е дали ова што се случува во Македонија особено во Струга се европските вредности за кои влеговте во Владата и зошто не побарате одговорност од оние што не преземале ништо за шесте кривични пријави за Мерко. И второ прашање, дали како министер а правда верувате дека може да има непристрасен однос имајќи во предвид дека во правосудството има партизација и дали ви е поважно да бидете дел од власта за доделување на тендери или ви е важно тоа за што влеговте во Владата, европскиот пат”, праша Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски објасни и како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапи по промена на власта.
„Оние институции кои ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ, а ќе можат, ќе имаат надлежност да носат правда, ќе ги извади криминалците за уши, особено оние кои 20 години управуваат со оваа држава и се заштитени како бели мечки”, рече Стојаноски.
Со почит,