Од суштинско значење за Регионот на Западен Балкан е поврзување на платежните инфраструктури со оние во рамките на Единствената европска платежа област (СЕПА). Преку прифаќање на принципите и стандардите на СЕПА, ќе се подобри ефикасноста кај плаќањата, ќе се намалат трошоците и ќе се олеснат трговијата и инвестициите во и надвор од нашите граници. Ова беше една од главните пораки упатени на првиот ден од 15. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, во организација на Народната банка и Централната банка на Холандија, која се одржува на 29 и 30 јуни во Охрид.
На првата панел- дискусија која се одржа под модераторската палка на преставничката на Европскиот совет за плаќања (ЕСП), Силвија ди Лило, истакнати панелисти од централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и нашата централна банка, дискутираа за предизвиците за исполнување на барањата за пристапувањето кон СЕПА. Претставничката на ЕСП ги истакна придобивките од придружувањето кон СЕПА во вид на поттикнување на дигитализацијата и модернизацијата на плаќањата во корист на финансиската вклученост. Но, беше посочено и дека станува збор за долг процес кој бара големи политички, деловни и регулаторни напори, а за кој ја имаме поддршката од ЕСП. Панелистите во своите излагања ги потврдија многубројните придобивки кои би произлегле од соработката во регионот и членството во СЕПА, истакнувајќи дека тие се силно посветени на модернизацијата на плаќањата на Западен Балкан за да се забрза членството во СЕПА и Системот за инстант плаќања ̶ Таргет. На втората панел-дискусија, разгледувајќи ги искуствата на земјите кои пристапиле кон СЕПА, како Романија, и земјите кои аплицирале за членство, на пример Грузија, беше истакнато дека станува збор за долготраен процес во кој треба да се вклучат сите засегнати страни.
За време на Конференцијата беше разговарано и за улогата на системите за големи плаќања и за инстант плаќањата управувани од Евросистемот, како катализатор за иновациите во платежните системи. Од аспект на темата за дигиталните валути на централните банки, беше посочено дека високиот интерес за нив е добар показател дека овие валути наскоро ќе станат дел од секојдневниот живот на луѓето.
Дискусиите на Конференцијата продолжуваат и денеска, насочени кон отвореното банкарство и Европската иницијатива за плаќањата.