Почнува дводневниот протест „Србија против насилството“ со блокади на автопатот во Белград – Нови Сад

Претставниците на опозицијата најавија дека в сабота во 18 часот ќе се одржи протестот „Србија против насилството“ пред ТВ Пинк, а денеска попладне ќе биде блокиран автопатот во Белград на три места, и во Нови Сад на едно место, јави дописникот на МИА од Белград.

Копретседателот на партијата Заедно и пратеникот Небојша Зеленовиќ изјави дека денеска ќе се организира блокада на автопатот Е-75.

– В петок ќе има посебна блокада на автопатот Е-75 во Белград на три точки и во Нови Сад на едно место, така што ќе имаме едно успорено возење од наплатната рампа Шимановци и наплатната рампа во Бубањ Поток во друга насока, која ќе се состане кај Сава центар во Белград, рече Зеленовиќ.

Тој посочи дека протестните возења започнуваат во 16 часот пред наплатните рампи, каде со успорено возење ќе се продолжи во 17 часот и 30 минути  пред Сава центар каде ќе се остане до 20 часот, рече Зеленовиќ.

Тој додаде дека паралелно со тоа во Нови Сад во исто време од 17 до 20 часот ќе биде прекинат сообраќајот на автопатот Е-75.

Организаторите на протестите „Србија против насилството“ најавија дека во петок протести ќе се одржат и во Врбас, Нови Сад, Рума, Вршац, Мајданпек, Чачак, Лучани и Заечар.

Следниот протест „Србија против насилството“ во Белград е закажан за в сабота на 1 јули.

Митингот ќе започне пред зградата на српскиот Парламент, а ќе биде организирана и прошетка до ТВ Пинк во знак на протест поради најавата за ново реално шоу.

Повик за протестите упатија опозициските парламентарни групи Обединети, Народна партија, Демократска странка, Заедно-Мораме, Зелено-левиот клуб и Не го давиме Белград, нагласувајќи дека протестот не е политички. 

Треба да знаете
Последни објави