Во Србија до крајниот рок предадени се 108.883 парчиња оружје

Од почетокот на кампањата за предавање на нелегалното оружје во Србија, предадени се 108.883 парчиња оружје и мини-експлозивни направи, изјави Бојана Отовиќ Пјановиќ од Службата за сузбивање криминал при Управата за криминалистичка полиција, објави РТС.

– Во тој број се 82.398 парчиња оружје. Тука спаѓаат легално и нелегално оружје што останало во семејните домаќинства по смртта на сопственикот и 26.485 парчиња мини и експлозивни направи, информира Отовиќ Пјановиќ. 

Таа посочи дека се предадени и 4.243.139 парчиња муниција и оцени дека ова е досега најуспешна акција за собирање на нелегалното оружје.

Рокот во кој српските граѓани требаше да го предадат нелегалното оружје и муниција без последици истече ноќеска на полноќ.

Како што изјави претседателот Александар Вучиќ на почетокот на оваа акција, на Министерството за правда му се наложува измени на Кривичниот законик со цел да се заострат казните за недозволено изработување, држење, набавување, размена и држење оружје за кое може да се добие дозвола – кој тоа го прави неовластено, може да се казни со затвор од една до осум години (досега беше и до пет). За оние оружја за кои не може да се добие дозвола, како „калашников“, казната ќе биде од две до 12 години (досега беше осум), за оние што чуваат, носат, набавуваат оружје со силна разорна моќ (бомба, граната) казната ќе биде од пет до 15 години (досега беше две). Тој што неовластено носи оружје и нема дозвола за тоа може да добие до 15 години (до сега 12), а ако има дозвола за оружје, а го носи неовластено, ќе се казни од една до осум години (до сега од шест месеци до пет години).

Треба да знаете
Последни објави