Регионалната безбедност, потребата за итна де-ескалација на состојбата на Косово и искрен дијалог за сите отворени прашања, како и придонесот на Северна Македонија кон одржување на стабилноста на Балканот, беа темите на кои министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството разговараше со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал мајор Анџело Микеле Ристуча.
Министерката Петровска истакна дека во време на нарушена безбедност на континентот, Западен Балкан мора да остане безбеден и стабилен. Патот кон оваа стабилност, порача Петровска, е преку дијалог, меѓусебно почитување и лидерство.
„На регионот му се потребни мир, безбедност и демократија. За да зборуваме за економски напредок, мора да имаме мир и безбедност. Тоа е она што го ветуваме во политичките кампањи и тоа е она што мора да го оствариме. Секоја своеволна одлука е на штета на граѓаните и носи штета на иднината на државата, но и на регионот. Сега не е време за грижа за сопствените рејтинзи, туку грижа за сегашноста и иднината на граѓаните во државите во кои живееме. Затоа јасно треба да повикаме на лидерство, на дијалог помеѓу двете страни и на храброст во овозможувањето на подобра иднина за целиот регион”, рече министерката на состанокот.
Министерката истакна дека Северна Македонија, која пред само неколку години беше на раб на криза, денеска е активен учесник во зацврстувањето на сигурноста и стабилноста и на евроатлантската област и на нашиот регион.
„Одлуката да дадеме придонес кон безбедноста на Косово, со учество на македонски војници во НАТО мисијата во оваа земја, беше инвестиција за стабилен регион. Северна Македонија отсекогаш била глас на разумот на Балканот, а денеска и на терен овозможуваме мисијата на КФОР да биде целосно исполнета.
Генералот Ристуча во контекст на безбедносната состојба на Косово порача дека е потребно и двете страни да преземат целосна одговорност за случувањата и да превенираат понатамошна ескалација. Командантот на КФОР се заблагодари за македонскиот придонес во оваа мисија за кој рече дека е доказ за посветеноста на Северна Македонија кон регионалната безбедност.
Северна Македонија во КФОР придонесува со 65 армиски припадници и тоа во рамките на Регионалната команда на КФОР – Запад во Пеќ. Во моментов во оваа НАТО мисија придонесуваат 27 земји со околу 4.500 војници.