Фудбалскиот клуб Јувентус соопшти дека нов играч на клубот е Тимоти Веа, син на поранешниот фудбалер на Милан, а сега претседател на Либерија, Жорж Веа.
Веа, поранешен фудбалер на француски Лил, потпиша петгодишен договор со клубот од Торино. Јувентус ќе му плати на Лил 10,3 милиони евра на две рати – плус бонус од 2,1 милиони евра.
Овој 23-годишен фудбалер настапува за Лил од 2019 година, кога пристигна од Пари Сен Жермен. Во Лил забележа вкупно 107 настапи и постигна осум гола.
Тимоти Веа е роден во Њујорк, има американско државјанство и беше дел од тимот на САД на Светското првенство минатата година во Катар. За репрезентацијата одигра 31 натпревар и постигна четири гола.