Европската комисија почна нов финансиски пакет за поддршка на 14 водечки инвестициски проекти во областа на транспортот, енергијата, животната средина, човечкиот капитал и поддршката за приватниот сектор во Западен Балкан, во вредност од 2,1 милијарди евра.
Како што се наведува во соопштението на Европската комисија, ова е петти инвестициски пакет во рамките на економскиот и инвестицискиот план на Европската Унија за Западен Балкан.
„Проектите се подготвени во тесна соработка со партнерите од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции со цел да се забрза европската перспектива на регионот“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеј, рече дека новиот инвестициски пакет испраќа јасна порака до партнерите од Западен Балкан дека нивната иднина е во Европската Унија.
„Овие проекти подобро ќе ги поврзат земјите од регионот едни со други и со Европската Унија, ќе помогнат во декарбонизацијата на своите економии и ќе обезбедат поддршка за конкурентноста на приватниот сектор во регионот“, рече Вархеј.
Тој ги повика партнерите од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции да почнат проекти што е можно повргу за граѓаните и компаниите да имаат корист од овие инвестиции.