Виетнам го забрани долгоочекуваниот филм на Ворнер Брос „Барби“ за домашна дистрибуција поради сцената на која се прикажува мапа на Јужното Кинеско Море што сугерира дека Кина има право на територија во сопственост на Виетнам, објавија во понеделникот државните медиуми.
Линијата со девет цртички, се наведува, во форма на буквата ‘У’ се користи на кинеските мапи за да ги илустрира претензиите на Пекинг за огромните области на Јужното Кинеско Море, вклучувајќи ги и териториите што Виетнам ги смета за свој континентален гребен каде што дал концесии за нафта.
„Барби“ е најновиот филм што е забранет во Виетнам поради прикажување на контроверзната кинеска линија со девет цртички, која беше отфрлена од судот во Хаг со меѓународна арбитражна пресуда во 2016 година. Кина одбива да ја признае пресудата.
Во 2019 година, виетнамската влада го повлече анимираниот филм на DreamWorks „Everest: Young Yeti“, а минатата година го забрани акциониот филм на Sony „Uncharted“ од истата причина. Филмот „Барби“, со Маргот Роби и Рајан Гослинг во главните улоги, првично требаше да биде прикажан во Виетнам на 21 јули, на истиот датум со САД, според државниот весник „Туои Тре“.