Наскоро ќе биде познато дали ВМРО-ДПМНЕ ќе остане без ,,Белата палата”, поточно без луксузното партиско седиште. Овој објект беше конфискуван по првостепената пресуда за случајот ,,Талир 2″, а сега на потег е Апелација, која треба да пресече дали партијата дефинитивно ќе остане со празни раце, пишува Фокус.
Поточно, во петок, на 7 јули, во Апелација е закажана јавната седница за случајот ,,Талир 2″, на СЈО, а со кој беше замрзнато и партиското седиште.
Првостепената пресудата беше донесена пред една година, а со неа на затворска казна од 6 години беше осуден екс премиерот Никола Груевски, а поранешниот генерален секретар, Кирил Божиновски, доби условна казна од две години.
Доколку второстепениот суд ја потврди пресудата на Кривичниот суд, тоа ќе значи и извршување на конфискацијата на објектот, но неизвесно е во чии раце ќе заврши потоа. Во нормална ситуација веднаш би припаднал на државата, но случајот се комплицира бидејќи објектот е под банкарска хипотека за кредит од три милиони евра што го земала партијата.