Пратеникот на СДСМ Миле Талески во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма истакна дека случајот „Феникс” е потврда за криминалот, кој ДПМНЕ го правел повеќе од 11 години, кога беше на власт.
Феникс е потврда за злоупотребата на парите на граѓаните и претставува типичен пример како ДПМНЕ ги перела парите од граѓаните, со цел да биде најбогатата политичка партија во Европа, да ги има најбогатите политичари, кои се сеуште раководство на ДПМНЕ и едноставно како ги краделе парите на граѓаните, истакна Талески, додавајќи дека 57 милиони евра за 11 споменици се испрани пари од буџетот на граѓаните за да завршат во џебот на високото раководство на ДПМНЕ.
Талески нагласи Феникс го разотрки начинот како ДПМНЕ ги злоупотребувала парите од граѓаните и како практицирала власт.
За 11 споменици се исплатени 57 милиони и евра на леарница во Италија, којашто ги испорачала овие споменици за многу помали суми, а потоа истите пари од граѓаните, ДПМНЕ преку истата леарница ги испрала и ги вратила назад во џебовите на одредени функционери на ДПМНЕ, рече Талески, додавајќи дека лажните патриоти од ДПМНЕ, на грбот на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, за спомениците на овие великани, кои многу значат за македонскиот народ ги краделе парите од граѓаните.
Пратеникот Талески истакна дека СДСМ цело време посочува дека Скопје 2014 е пералница на пари и со оглед на бројот на сите проекти од Скопје 2014 запраша колку пари се испрани за овој проект и колку пари завршиле во џебовите на раководството на ДПМНЕ.
Бегалецот, Никола Груевски, нивниот духовен отец, кој не само што ја пљачкал Македонија, ја опљачкал и нивната партија и касата на ДПМНЕ, сега е првоосмничен во Феникс, а потоа се вклучени поранешен вицепремиер, активен во работата на партијата и поранешни градоначланици, рече Талески.
Пратеникот Талески нагласи дека вистинското лице на ДПМНЕ се 400 обвинененија за злоупотреба на парите на граѓаните, 150 пресуди, 40 признанија на 40 функционери од ДПМНЕ, кои признале дека сториле кривично дело за злоупотреба на парите на граѓаните и пресудени 150 години затвор.
Дали ова ДПМНЕ има лице и образ да зборува за некаков криминал, треба да си погледне во сопствените редови, да расчисти со рецидивите од криминалната матрица и конечно да работи во интерес на граѓаните, а не на секој начин, со измислување на секакви небулози, само да дојде на власт и да продолжи повторно да ги краде граѓаните, порача пратеникот на СДСМ Миле Талески во емисијата „Топ тема” на телевизија Телма.