Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со директорот на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за Централна и Источна Европа, Маркус Пилграм.
Средбата започна со разговор за новата Национална програма за достоинствена работа, која што ќе се спроведува до крајот на 2025 година, која беше усвоена и потпишана денеска од страна на претставници на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Владата, синдикатите и организациите на работодавачите.
Соговорниците уште еднаш го потврдија нејзиното значење, земајќи предвид дека нејзината цел е креирање на повеќе и подобри работни места, подобрени изгледи за вработување на младите жени и мажи, како и инклузивен пазар на труд преку натамошно унапредување на социјалниот дијалог. Новата Национална програма, ја подржува реформската агенда што е утврдена во Програмата на Владата 2022 – 2024 година, која се фокусира на развој на економијата и подигнување на животниот стандард.
Министерката Тренчевска го потенцираше значењето на социјалниот дијалог и носењето на сите важни одлуки низ конструктивни дискусии заедно со социјалните партнери.
„Социјалниот дијалог секогаш може да се подобрува и да се работи на негово унапредување. Од почетокот на годината одржавме 11 седници на Економско-социјалниот совет каде што сите одлуки ги носевме со консензус. Моментално работиме на новиот Општ колективен договор кој има за цел унапредување на правата на работниците и воспоставување на нова методологија за пораст на платите во јавниот сектор,” истакна Тренчевска.
Како посебен приоритет на Програмата за достоинствена работа е охрабрување на внес на родовата перспектива во склучувањето на колективни договори, како важна алатка за еднаквост и развој во општеството.
На средбата стана збор и за подготовката на новиот Закон за работни односи-системски закон на кој се работи пет години, за кој се одржаа голем број на јавни дебати, се разгледуваат сите пристигнати забелешки и предлози, и се очекува до крајот на годината да влезе во собраниска процедура. Процесот на работа на новото законско решение доби поддршка од Канцеларијата на МОТ во земјава.
Република Северна Македонија е единствена земја која не е членка на ЕУ, а успешно се спроведува Гаранција за млади, за што особено е значајна поддршката на МОТ. Гаранција за млади ќе продолжи со имплементација во земјата.
Министерката Тренчевска се осврна и на активација на корисниците на Гарантирана минимална помош на пазарот на труд.
„Во земјава има околу 36000 корисници на ГМП, со активирање на работоспособните членови во семејството, се овозможува приход од плата во семејството наместо социјална помош , а истовремено го намалуваме недостигот на работна сила во државата, ” истакна Тренчевска.
Од страна на директорот на МОТ, Маркус Пилграм беше изразена и понатамошна поддршка на земјава на политики, програми и проекти од областа на трудот, со кои се влијае на економските и социјални прашања во земјата.
Министерката Тренчевска се заблагодари на досегашната поддршка која ја добиваме од Меѓународната организација на трудот и ги потврди заложбите на Владата и Министерството за труд и социјална политика за унапредување на правата на работниците и социјалниот дијалог.