Елементарната непогода наречена Борче Јовчески, продолжува со уништувањето на градот и населените места во општина Прилеп.
Со неговата неспособност да раководи со општинската администрација, Јовчески целосно го наруши функционирањето на локалната самоуправа, а со инсталирањето на паралелната администрација, решавањето на основните проблеми и потребите на граѓаните стана невозможна мисија.
Неговото најново “достигнување“ е уништувањето на манифестацијата со дведецениска традиција – „Пивофест“.
Фестивалот на пивото и познатата прилепска скара, кој во 2003 година го започнаа тогашната локална власт и градоначалникот од редовите на СДСМ, стана препознатлив бренд на градот. Освен добра забава и масовна посетеност, манифестацијата имаше и финансиски бенефит за прилепската економија, пред се’ за угостителската и трговската дејност.
И така беше се’ до оваа година, кога неспособниот прилепски градоначалик Борче Јовчески го “погреба“ „Пивофест“.
Не постои никаква дилема дека Јовчески е единствениот виновник за откажувањето на фестивалот на пивото и скарата. Изговорот на суетниот прилепски градоначалник дека Општината не е организатор туку обичен помагател на „Пивофест“, е евтин и перфиден обид за префрлање на вината на друга адреса.
Јасно е дека од првото издание на „Пивофест“, прилепската локална самоуправа беше негов коорганизатор.
Впрочем, барањата за спонзорство на манифестацијата кои Општината и градоначалникот ги испраќаа до прилепските дуќанџии, до малите и средни фирми и големите компании, директната вклученост на општинската администрација во организацијата на „Пивофест“, како и редица други факти, го потврдуваат она од што Борче Јовчески сака да се амнестира.
Тоа што никој од прилепските бизнисмени и стопанственици не се отповика на испратените барања за спонзорство, е најдобар доказ за авторитетот кој Јовчески го ужива меѓу граѓаните и фирмите, а кој е еднаков на – НУЛА!
Заради сето ова, заради девалвирањето на градоначалничката функција и уништувањето на градот и перспективата на прилепчани, најдоброто што Борче Јовчески може да го направи за себе и за своите сограѓани, е да си поднесе оставка. Колку побрзо, толку подобро за сите!