Нема пречка притворите на Миле Јанакиески да му се засметаат во казната за „Титаник“, уверува универзитетскиот професор по право, Гордан Калајџиев. Тој посочува деа случајот со Јанакиески е комплексен бидеќи е осомничен и неправосилно осуден во повеќе постапки. Калајџиев е дециден дека не е точна тезата дека спојувањето на притворите е спротивно на законите само затоа што не е предивдено во закон.
„Нема вистинска пречка притворите од различни постапки на осудениот да му се засметаат во правосилна казна; повеќето (ограничени) правници ќе тврдат дека тоа не е предвидено во закон! Законите се пишуваат по претпоставка еден обвинет една постапка. Ако случајот е комплексен (inter alia еден обвинет 10 постапки, решенијата ги бараме во правните принципи (R. Dworkin). Принципот на правичност бара фер компензација (restitutio in integrum)“, пишува Калајџиев.
Сега на потег е Кривичен суд. До нив е поднесено барање за спојување на притворите. Епилогот од одлучувањето, Миле Јанакиески ќе го дочека во затворот „Идризово“ каде е спроведен од попладнево. И неговиот адвокат Еленко Миланов посочи дека притворот од 4,6 години може да му се засмета во казната од 3,6 години.