Конкурс за стипендии „Борис Трајковски” за студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма на Универзитетот Јорк за 2023/2024 година

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма на Универзитетот Јорк, за академската 2023/2024 година.

Стипендијата покрива уписнина за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од втор циклус, со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур, која се реализира во Солун, Грција. Стипендии се доделуваат за насоките: Општ менаџмент; Маркетинг; Финансии; Менаџмент во логистика; Менаџмент во здравство и  Менаџмент на човечки ресурси.
 

На Конкурсот, објавен на веб-страницата на МОН, може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис-менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор. Вкупната школарина за МБА-програмата е 14.890 евра по студент. 

За  најдобрите пет кандидати, според критериумите наведени во Конкурсот и според ранг-листата изготвена од Комисијата за избор, стипендијата ќе биде целосна и по половина проценти од школарината (т.е. по 7.445 евра по студент) ќе покријат Универзитетот и Владата на Република Северна Македонија.

За останатите петнаесет кандидати, 50 отсто од школарината (7.445 евра по студент) ќе бидат покриени од Универзитетот, а другите  50 отсто од школарината се на трошок на  кандидатот и ќе се плаќа на рати во текот на две години. 

Паневропската извршна МБА-програма е предвидено да се реализира за време на викенди во Солун, каде што корисниците на стипендии треба да патуваат најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели:  по една недела на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство, на Универзитетот во Стразбур, Франција, и  во Солун.

Сите предавања ќе бидат на англиски јазик. По успешно завршување на дуалната МБА-програма, студентите ќе добијат две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур. 

Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот.

Во Конкурсот што го објави МОН се наведени условите што кандидатите треба да ги исполнуваат и информации за документите и начинот на аплицирање. Рокот за пријавување е 1 септември 2023. 

Изборот на кандидатите ќе  се изврши  од заедничка Комисија составена од по еден претставник на потписниците на Протоколот, во согласност со критериумите на Универзитетот Јорк и законските прописи на Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави