Легализирањето на канабисот во Германија ќе заштеди над една милијарда евра

Германското Министерство за здравство очекува планираната легализација на канабисот да им заштеди на агенциите за спроведување на законот, судовите и затворите во земјата повеќе од една милијарда евра (1,08 милијарди долари) трошоци годишно.

Ова произлезе од ревидираниот предлог-закон што Министерството денеска го испрати до професионалните здруженија кои се занимаваат со ова прашање, рече портпаролот на Министерството.

Според нацрт-законот, првпат објавен од медиумската група „Функе“, Министерството очекува годишни заштеди од 800 милиони евра за агенциите за спроведување на законот, 220 милиони евра за судовите и 35 милиони евра за воспитно-поправните установи.

Основите на проектот за легализација на канабисот ги претстави германскиот канцелар Олаф Шолц во април.

Меѓу клучните точки познати досега, на лицата на возраст од 18 години и постари ќе им биде дозволено да поседуваат до 25 грама. Ќе биде дозволено и одгледување најмногу три растенија за лична употреба.

Канабисот нема да се продава во специјализирани продавници како што некогаш беше предложено. Наместо тоа, канабисот треба да се одгледува и да се продава колективно во клубовите за канабис.

Клубовите и членовите на клубовите ќе мора да се држат до строги правила.

Канабисот ќе се дистрибуира само на членовите, најмногу до 50 грама месечно и само во „неутрално пакување“.

ДПА дознава дека нацрт-законот би можел да биде одобрен од владата во средината на август. Ќе биде потребно одобрение од Бундестагот, долниот дом на парламентот, но не и од Бундесратот, горниот дом.

Застапниците за легализацијата на канабисот во германската коалициска влада имаат за цел да го легализираат оваа година.

Треба да знаете
Последни објави