Албанскиот премер Еди Рама, кој се наоѓа во официјална посета на Скопје, ја повика Европската Унија на поголема финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан.
Рама рече дека јазот помеѓу земјите членки и нашите држави од аспект на финансиската поддршка е неспоредлив и ја повика Европа да биде покомпактна.
„Откога почнавме со преговори со ЕУ, почнавме да притискаме во овој правец, поактивно соработувајќи едни со други како земји, особено со Северна Македонија, со цел да ја истуркаме нашата заедничка цел опремувајќи ги партнерите со конкретни бројки, кои извираат од оваа реалност“, рече Рама.
Албанскиот премиер повторно ја повтори својата забелешка кон Унијата за време на пандемијата кога, како што рече, ЕУ нè оставила како риби без вода принудувајќи нè да бараме вакцини од трети земји.
„Ова не е единствениот, има многубројни заеднички предизвици, кои налагаат заеднички приод кон граѓаните. Не може да има граѓани од прв или втор ред. Тоа што нашите соседи од ЕУ користат и добиваат не може да се спореди со она што ние го нудиме од нашите внатрешни ресурси“, рече Еама.
Потенцира дека Албанија и Северна Македонија имаат усогласена надворешната политика во ЕУ и тоа е вредност што е олицетворена.
Добрата вест, рече Рама, е што Комисијата работи во оваа насока и набргу ќе имаме уште еден неформален состанок во Тирана, а ќе присуствуваат пријатели од ЕУ да дискутираме за планот за финансиската поддршка. Албанскиот премиер заклучи дека таа поддршка е потребна, ја заслужуваме заемно придонесувајќи.
„ЕУ има потреба од нас, колку и ние од неа“, заклучи Рама на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје.